Доцна вечер, по македонско време ќе се обрати премиерот Груевски пред 68. Генерално Собрание на ОН. Според најавата, утре се среќава со генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун.
Вчера беше објавен епилогот од средбата во Њујорк меѓу министерот за надворешни работи Никола Попоски и грчкиот заменик премиер и министер за надворешни работи Евангелос Венизелос. Македонската страна информира дека нема напредок и дека грчките позиции воопшто не се сменети и нема најава дека Грција е подготвена за решавање на спорот.
– Ставовите од југот се основа на проблемот. Немаме никакво убедување дека имаат желба да станат дел од решението. За се друго можеме да бидеме партнери, но за спорот, меѓу нас се планини, изјави министерот Никола Попоски по средбата.
Се очекува и министерот Венизелос да им се обрати на грчките новинари во Њујорк. Но, пред средбата, грчкото Министерство за надворешни работи излезе со соопштение во кое ја напаѓа Република Македонија врз која ја префрла вината за спорот.
Средбата во Њујорк траела околу 20 минути, и на неа, на грчко барање, присуствувале само двајцата министри.




