Премиерот Мицкоски се врати. По еднонеделното отсуство, кое опозицијата го проследи со шпекулации и иронија, денеска самиот објасни каде бил и што правел. Не политичка мисија, туку, како што вели, научно-образовна екскурзија во Белгија со своите два сина.
Мицкоски понуди и детален патепис, набројувајќи ги градовите што ги посетиле, раскажувајќи како ја откривале нивната историја, култура и знаменитости. А сето тоа, според премиерот, е дел од еден негов родителски принцип, барем еднаш годишно воспитувањето на синовите да го пресели од дома, директно на европски терен.
Политика, тврди Мицкоски, во Брисел немало, но имало бизнис. Три средби со инвеститори, од кои двајца потенцијално нови, а третиот планира проширување на постојната инвестиција, со договори што премиерот ги најавува за есен. А деталната тура низ еднонеделното отсуство ја сервираше и како одговор до опозицијата, која, според него, била прилично иронична и очигледно. многу љубопитна.
Но од СДСМ премиерскиот патепис го прочитаа со поинаква политичка географија. За нив спорно е дали зад приватното патување се криеле разговори за државни прашања надвор од вообичаените институционални канали. Затоа од опозицијата денеска не прашуваат само каде бил премиерот, туку пред се, во чие име и за што разговарал.
„Мицкоски ја третира Македонија како своја приватна сопственост. Тој одлучува сам. Тој преговара сам. Додека Тимчо Муцунски зборува за разговори „под радарот“, Мицкоски тие разговори ги води лично, во семеен аранжман, далеку од очите на јавноста и институциите. Ова не е државничка одговорност. Ова е приватизација на државата. Граѓаните имаат право да знаат: Што е договорено? Што е прифатено? Што е скриено? Македонија не е приватна фирма на Мицкоски, иако тој ја гледа така. И нејзината иднина не се договара на семејни екскурзии.“
Сомнежите СДСМ ги врзува и со изјавата на шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски од од пред две недели, кога рече дека се работи „под радарот“ на решение што би го деблокирало европскиот пат, без да открие детали за разговорите. Оттогаш опозицијата зборува за тајни преговори, додека Муцунски деновиве возврати дека тајни разговори нема и дека никогаш не кажал такво нешто.
Извор: ТВ 24 вести




