Претседателот на Зимбабве, Роберт Мугабе, кој веќе 33 години е на власт е сигурен во победата по претседателските избори на кои се гласаше вчера. Неговиот противкандидат, Морган Цвангирај, воедно и премиер на земјата, вели изборите се целосно изманипулирани.
Цвангирај вели, се работи за „голема фарса“, еден ден по неговиот обид да го прекине 33-годишното владеење на Мугабе.
Кандидатот на Движењето за демократски промени, на прес-конференција изјави дека изборите се целосно изманипулирани и не се во согласност со регионалните и африканските стандарди.
„Евтиниот начин на кој беа спроведени и последователната незаконитост од резултатите ќе ја донесат оваа земја во сериозна криза“, изјави Цвангирај.
Според досегашниот премиер на Зимбабве, нарушен е кредибилитетот на земјата.
„Кредибилитетот на земјата е нарушен преку административни и законски прекршувања кои влијаат на легитимноста на исходот“, дополнува Цвангирај.
Според мрежата за поддршка при избори во Зимбабве (ZESN), коалиција од локални невладини организации која ги набљудуваше изборите, преку еден милион граѓани биле лишени од правото на глас.