Пишува Љубиша АРСИЌ
Од неуспешен фудбалер преку црковен проповедник до професионален војник- така прогресира кариерата на младиот, 27 годишен син на унгарскиот премиер Виктор Орбан. Гаспар Орбан за нецели 10 години на три пати ја менува професијата и оди од една до друга крајност. Започнува да се занимава со фудбал, големата љубов на неговиот татко, и да посетува академија, но за неколку години, откако се насетува неговата неталентираност кон спортот, тој преминува во свештеник на Пентакосталната црква, една од редот на евангелистичките цркви. Почнал да верува во Господ при една хуманитарна мисија во Уганда. Случајно или очекувано тој период се поклопува со времето кога неговиот татко зема замав на политичката сцена во Унгарија и со сите методи на режимско владеење ја воспоставува власта во Будимпешта.
Многубројни следбеници застануваат зад младиот проповедник Орбан и ги следат неговите сеанси, а унгарските медиуми некогаш и известувале дека постои можност преку верските приврзаници на Гашпар, семејството Орбан да остварувало политички цели, иако во тој период синот за својот татко изјавувал дека родителот, иако го поддржувал, воопшто не разбирал што работи неговиот син и зошто се определил да проповеда. Тој бил популарен особено кај студентската популација, а некои му се придружувале во црквата и започнувале со проповедаат со него. И се така до пред три месеци, кога 27 годишниот пентакоснец решава, ни помалку – ни повеќе, да и се придружи на професионалната војска на Унгарија. Како наеднаш духовен лидер, за каков што го опишуваат медиумите кои му посветувале стории за неговите религиски сеанси, се одлучува да земе автоматска пушка и да се построи во војската? Ако се знае дека неговите проповеди најчесто имале поинаква содржина и цел од онаа која сега пред себе ја има Гашпар, тогаш на унгарската јавност не може да и биде познато зошто младиот Орбан прави ваков каскадерски потег, но затоа може да претпоставува дека татко му е главниот виновник за ваквиот нелогичен трансфер.
СНИМКИТЕ ОД ПАРАДАТА НЕ ПОСТОЈАТ, ЗА ПРИСУСТВОТО НА ПРЕМИЕРОТ НИКОЈ НЕ СМЕЕЛ ДА ИЗВЕСТУВА?
Зошто армискиот строј на Гашпар Орбан е навидум чуден? За многумина е неочекувано дека проповедник кој никогаш не робувал на облеката и секогаш изгледал само пристојно, но генерално неформално, неднаш се одлучува да влезе во униформа. Исто како што никој нема одговор зошто таков тип, со поинаква смисла за животот, со дух кој воопшто не одговара на потчинетост и ред каков што има во војската, едно утро се буди со помислата дека мора да стане професионален војник. Но, секако овие факти не се релевантни за врз нив да се гради проценката зошто свештеникот преминува во војници. И татко му Виктор Орбан имал полиберални ставови на почетоците на кариерата, но од 2010-тата наваму, кога започнува со владеење како премиер, драстично се менува и како човек и како политичар. Денес е еден од симболите во Европа за режимско владеење.
Што е сомнително во приклучувањето на Гашпар во армијата? Тоа што целата постапка била тајна и далеку од очите на јавноста. Иако постоела пракса на телевизиски снимања, радиски и порталски известувања за поголемите армиски церемонии, како што е на пример промоција на нов тим професионални војници, сепак летото, кога Гашпар за прв пат облекол униформа и зел пушка в рака, а тоа видно задоволен од публика го следел гордиот татко, отсуствувале медиумите, а за настанот како никој да не смеел да известува во јавноста. Имено, како протекува информацијата дека синот на премиерот станува војник? Случајно на парадата се појавила некој локална, незначајна телевизија која снимила секвенци од воената парада на која во прв ред бил построен „гуштерот“ Гашпар. Во текот на денот таа телевизија емитувала краток извештај од воената церемонија, но ниту споменале дека на полигонот марширал синот на премиерот, ниту пак дека Виктор Орбан бил гостин во публика. Непознато е дали намерно го игнорирале тој факт, или пак воопшто не забележале дека и двајцата ги имаат на снимките.
Но, острото на око на извесен новинар од унгарскиот портал 444, забележало дека на снимките емитувани на локалните вести јасно се гледаат новиот војник и премиерот. Цела среќа е што тимот на 444 успеал да извади неколку фотографии од видеото затоа што за многу брзо, сигурно по наредба на режимската власт, видеото на локалната телевизија било избришано, а се коментира низ унгарските медиуми, дека не постојат ниту сировите материјали снимени на парадата. Неколкуте фотки што ги направиле од порталот 444 ги објавиле. Нивната вест е преземена од малку медиуми, речиси ниеден релевантен. И по три месеци од настанот малкумина знаат за авантурата на двоецот Виктор- Гашпар. Зошто заклетвата на синот морала да остане тајна? Зошто снимките на локалната телевизија ги снемало? Од кого тоа се плаши семејството Орбан, па јавноста на Унгарија не смее да дознае за новиот ангажман на Гашпар? Одговорите сигурно подобро ги знаат дел од граѓаните на Унгарија, но не и оние кои слепо веруваат на Орбановата политика во која владее медиумски мрак. Дури и официјалните преставници на унгарската армија избегнувале да дадат информација за тоа дали синот на премиерот станал професионален војник? Зошто и од кога е тоа тајна информација? Особено кога постојат неколку фотографии кои го потврдуваат тоа.
ЦРКВАТА БИЛА ЗА МЛАДИНАТА, А ВОЈСКАТА?
Виктор Орбан е дискретен на церемонијата и седи во последниот ред на малубројната публика. На фотографиите објавени од 444 тој е обележан со стрелка како со задоволство го гледа неговиот син, војникот Гашпар како да е предводник на новата чета. Инаку тој му е единствениот син, покрај четирите ќерки, па можеби и затоа го заслужува вниманието на татка си. Дали премиерот има намера да го истурка синот до висока позиција во армијата за да може да има поголема контрола, иако премиерската позиција му дава можност и сега да има влијание со оглед дека во Унгарија претседателот го избира парламентот, а не народот. А во таков случај мнозинството пратеници го има Орбан, па затоа и претседателот е од неговата партија. Оваа дилема својот одговор ќе го добие во иднина, кога на површина ќе испливаат вистинските намери на семејството Орбан. За да се потврди дека Орбан игра пресметливо и ова со синот во армија не му е случаен избор, а уште повеќе ако се знае дека се забраниле мадиумски написи на темата, може како пример да ни послужи религискиот ангажман на Гашпар.
Имено, во годините кога Гашпар проповедал, било забележително дека партијата на Орбан стои најслабо кај младата популација и кај студентите, а токму синот тогаш имал следбеници од 18 до 30 години, а уживал и слава кај студентите. Гашпар бил студент на Правен факултет кога започнал со своите сеанси. И тој, како и татко му, многу од настапите пред фанатиците ги криел од медиумите. Понекогаш новинарите залудно се обидувале да фотографираат или да снимаат затоа што Гашпар секогаш избирал локации на кои можел да се заштити. Неговото движење, дел од Пентакосталната црква која брои околу 300 милиони низ целиот свет, го нарекол „Куќата“. Како што го опишуваат медиумите секогаш бил присебен, облечен во маица и патики, за да се идентификува со сите социјални слоеви, правел спектакли од сесиите. Користел светлосни ефекти, организирал настапи на религиски бендови и ја доведувал публиката во своевиден транс.
Откако стекнал слава и доверба почнал наводно и да лекува, но и да кешира пари. Тогаш започнале и насловите низ медиуми како „За да ги заведе младите Гашпар отворил црква“. Во контекст на тоа дека започнал да работи на агендата на својот татко, иако Унгарија се смета за секуларна држава. Според последниот попис во 2011-та 40-тина отсто од Унгарците се изјасниле за Католици, 10-тина отсто за протестанти. Останатите припаѓаат на минорни верски заедници, но пописот бил неколку години пред Гашпар да доживее масовна поддршка од младите. Се лицитира со бројки од три до пет илјади кои оделе на неговите предавања. Неговите ораторски способности за заведување се споредуваат со оние на Виктор Орбан. И, иако еднаш синот се спротивставил на политиката околу мигрантите, за кои премиерот имаше ригиден став со затворање на границите, сепак младиот Орбан во 2018-та го придружувал својот татко при посетата на Турција.
Францускиот весник „Ла Крој“ во еден од текстовите пренесува сведоштво на една жена која тврди дека нејзината ќерка била дел од црквата на Гашпар и дека се повлекла откако дознала дека зад целиот проект стоеле сомнителни финансиски трансакции. Иако официјално до денес нема истрага за црквата на Орбан, а тешко и дека некој би можел и смеел да го отвори ова прашање во унгарското општество, сепак продолжуваат новинарските претпоставки, особено низ европските весници, дека црквата ниту е случајна, ниту пак дека Виктор Орбан немал поим со што му се занимавал синот. Нивната мисија била поголема од онаа религиската. Но, каква мисија имаат сега таткото и синот, тешко се погодува. А простор за претпоставки, кои не би биле далеку од вистината, имате доволно.