Листата на функционери кои одат во самоизолација може да се прошири. Во овој момент треба да заврши епидемиолошката анкета на премиерот Спасовски и тој наверојатно треба да оди во самоизолација 14 дена, информира министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес конференција.
„Во самоизолација одат и министрите Дамјан Манчевски, Мила Царовска , исто и Марјан Забрчанец, позитивна е Сања Лукаревска, директорката на УЈП. Во СДСМ анкетата не е завршена и кругот може да се прошири“, изјави Филипче.
Премиерот Оливер Спасовски по завршување на прес конференцијата на својот фејсбук профил објави дека тестот за коронавирус што му бил направен е негативен, но дека останува во домашна изолација додека ги добие препораките од епидемиолозите.
„Само што ги добив резултатите од денешниот Ковид-19 тест. Тестот е негативен и немам никакви симптоми, а додека не ги добијам официјалните препораки од епидемиолозите ќе останам во домашна изолација“, напиша Спасовски на ФБ.
На сите кои се соочуваат со вирусот тој им посакува брзо оздравување и апелира сите да ги почитуваат мерките, за, како што вели, да му овозможиме на здравствениот систем да ја одржи контролата врз кластерите каде се појавуваат нови случаи на заболени.
Сите функционери на кои им се прави епидемиолошка анкета или одат во самоизолација имале контакт со пратеникот Мухамед Зекири, кој објави дека е заболен од Ковид-19, заедно со неговата сопруга и тримесечната ќерка.




