Зоран Заев во Собранието официјално поднесе оставка од својата функција како претседател на Владата на Репубкика Северна Македонија.

Денеска ја поднесов оставката од функцијата Претседател на Владата на Република Северна Македонија до Претседателот на Собранието, Талат Џафери, напиша на својот фејсбук профил.
– Демократијата значи и одговорност. Со мојата оставка, преземам одговорност и оставам пример за граѓанската должност на идните лидери, но и давам уште еден придонес во јакнење на демократскиот капацитет на државата. Ми беше огромна чест што можев да служам и што ја имав довербата на мнозинството од народот во изминатите четири години. Сакам да им се заблагодарам на пратениците во Собранието, овој и претходниот состав, на членовите на двата состави на Владата за време на моите мандати и на граѓаните на нашата држава.
Посакувам благосостојба и просперитет на сите наши граѓани, на сите заедници, на целиот наш народ, напиша Заев.

Ваквиот чекор на Заев следуваше по лошиот резултат на локалните избори, кога си поднесе оставка и од местото претседател на СДСМ, а за негов заменик беше избран Димитар Ковачевски, кој пак се смета дека ќе биде новиот мандатар.

Зоран Заев доаѓа на функција во 2016 година, откако неговиот противник Никола Груевски од ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите, но не успеа да формира Влада. Тогаш мандатот заврши во рацете на Заев.

Во тоа време, и актуелниот претседател на Собранието, Талат Џафери беше избран на оваа позиција, а истиот ден и 300 демонстранти извршија упад во законодавниот дом.

Тогашниот претседател Ѓорге Иванов бараше и писмена гаранција од мандатарот за зачувување на унитарноста на државата, додека пак по рекорди 171 ден од завршувањето на изборите, Македонија доби нова Влада.

Следната 2017-та година беа спроведени и локални избори кои ги добива СДСМ, а потоа беше организиран и референдум со кој се менува името на државата. Под новото Република Северна Македонија обезбедивме место во НАТО Алијансата, а го решивме и деценискиот спор со Грција.

Инаку, со констатирањето на оставката на Заев ќе биде во оставка целиот негов кабинет, а потоа шефот на државата, во рок од десет дена, треба да одреди нов мандатар кој би составил нова влада и програма во период од 20 дена.