Close Menu
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Препредени оператори: Авантурата на Т-Мобиле во Македонија

0
By Нова ТВ on January 23, 2014 ПОЛИТИКА
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email

Муабетите се евтини – но не и цените што се плаќаат за разговор. Во мрачната ера пред паметните телефони да го стават интернетот во вашиот џеб, секоја минута разговор на мобилен телефон беше внимателно мерена.

Патот кон слободен и брз безжичен сообраќај беше долг. Во повеќето земји, ова вклучуваше лицитација на фреквенциите за телекомуникации, изградба на мрежи и постојано рушење на монополите преку воведување на конкуренција.

Но, во Македонија, една од најсиромашните земји во Европа, на патот кон евтини повици, имаше неколку мистериозни заобиколувања.

Македонската влада и Маѓар Телеком се заеднички партнери во телекомуникациската мрежа, чии канцеларии се наоѓаат во центарот на Скопје.
Според обвинителите во САД, станува збор за тајни состаноци во хотелот „Холидеј ин“, уништување на клучни докази, како и префрлање на милиони евра како мито преку компании регистрирани на Кипар.

За скромните потрошувачи, пак, тоа значеше плаќање на непотребно висока цена со години.

„Имав сметки од кои ќе му се насолзеа очите и на побогат човек”, вели Жарко, 35-годишен предавач на универзитет, сеќавајќи се на првите години од новиот милениум, кога имаше само два мобилни оператори во земјата.

Оваа сторија на Балканската мрежа за истражувачко новинарство (БИРН) открива како македонскиот народ ја плати цената за договорот меѓу владата и нејзиниот партнер во телекомуникациската индустрија, подружница на Дојче Телеком, глобалниот гигант кој стои зад брендот Т-Мобиле.

Таа, исто така, открива како македонските политичари, кои биле вклучени во договорот можеби го прекршиле законот, но тоа допрва треба да се истражи. Во меѓувреме, телекомуникациските компании исплатија 95 милиони долари (71 милион евра) за да се спогодат во случајот поврзан со обвиненијата за корупција во САД.

„Македонските обвинители не смеат да дозволат овој случај да помине незабележано”, вели Драган Малиновски, поранешен претседател на македонската анти-корупциска комисија. „Незамисливо е да чекаме Американците да направат нешто за нас”.

Зад секој чин на поткуп лежи одреден извор, мотив и примател. Американските обвинители изгледа дека завршиле половина од работата, откривајќи кој ги исплатил средствата и зошто.

Но нивните колеги од македонското судство сè уште треба да одговорат на третото прашање, каде завршија парите.

‘Корективни мерки’

Жарко сега живее во Германија. Како и останатите, и тој одржува контакт со неговото семејство користејќи бесплатни услуги базирани на интернет, како Скајп и Вибер.

Жарко ја напушти Македонија во 2006 година. Поголемата од двете мобилни телефонски мрежи во тоа време беше управувана од страна на Македонски телекомуникации – заедничка инвестиција на владата и Маѓар Телеком, унгарска подружница на глобалниот комуникациски гигант Дојче Телеком. Бидејќи брендот T-Мобајл уште не беше воведен во Македонија, мобилните услуги на Македонски телекомуникации беа познати како Мобимак.

Иако скапа за потрошувачите, доминацијата на Македонски телекомуникации на безжичниот пазар беше многу профитабилна за нејзините сопственици. Исплатата на дивиденди од компанијата беа „значаен извор на приходи за македонската влада”, се вели во документите поднесени до судот во САД.

Сепак, надмоќноста на Македонски телекомуникации се најде на удар во 2007 година, кога лиценца доби третиот мобилен оператор. ВИП, подружница на Телеком Австрија, влезе на македонскиот пазар таа година.

Тие го најавија влезот на пазарот со понуда на припејд тарифи, кои беа за 71 отсто поевтини од постоечките, вели портпаролот на ВИП во Скопје. По една година, операторот имаше 10 отсто од уделот на пазарот. Во 2013 година, таа цифра се приближува до 30 проценти.

„Влезот на ВИП на македонскиот пазар ја воведе конкуренцијата во вистинска смисла на зборот”, вели портпаролот.

Старата зграда на македонскиот телеком и пошта датира од времето на Југославија и наскоро ќе биде скриена зад една нова барокна градба.
Мобилната мрежа на Македонски телекомуникации, од нејзиното основање како приватизирана заедничка инвестиција во 2001 година, уживаше во врвната позиција. Во наредните шест години, нејзиниот единствен ривал беше многу помалата мрежа на Космоте.

Оваа состојба ја загрижуваше Европската унија, кон чие приклучување се стреми Македонија. Брисел сакаше телекомуникацискиот сектор да се либерализира. Со цел да се исполни ова барање, Македонија донесе закон со кој ќе се овозможи влез на пазарот за трет оператор.

Законот беше донесен во 2005 година, но поминаа уште две години пред ВИП да ја добие својата лиценца. Зошто беше потребно толку време за да пристигне конкуренцијата?

Според документите доставени до американскиот суд, одговорот лежи во еден таен договор, постигнат меѓу Владата во Скопје и Маѓар Телеком, нејзиниот партнер во Македонски телекомуникации.

За договорот се вели дека ја зачувал привилегираната позиција на компанијата на пазарот, преку кршење на македонските закони.

БИРН дојде до копија од договорот, со кој компанијата добива право да влијае врз телекомуникациската регулатива. Таквите закони се нормално во строга надлежност на суверените влади.
Поранешниот македонски премиер, Владо Бучковски, потврди за БИРН дека тој го потпишал договорот, за кој тврди дека ниту бил таен, ниту незаконски.

Сепак, токму овој договор беше предмет на две истраги кои им донесоа милиони долари на владините агенции на САД преку вонсудски спогодби.

Дојче Телеком и Маѓар Телеком му исплатија на американското Министерство за правда комбинирана казна од 63,9 милиони долари во 2011 година. Маѓар Телеком плати дополнителни 31,2 милиони на Комисијата за хартии од вредност (КХВ), финансискиот регулатор во САД.

Според портпаролот на Дојче Телеком, со спогодбата со американските власти фирмата ја докажува својата посветеност во соработката при истрагите, „корективните мерки” што ги презема досега, како и нејзината заложба за повеќе вакви мерки.

Во изјава за БИРН, пратена преку електронска пошта, портпаролката Елпида Тризи вели дека Дојче Телеком придава „најголема важност” на „анти-корупцијата и другите политики и процедури за усогласување со законите”.

КХВ во моментов има отворено трет, граѓански случај против тројца поранешни директори на Маѓар Телеком за поткуп на владини претставници. Тие ги негираат обвиненијата.

Долги истраги

Комбинираната исплата од 95 милиони долари за спогодба е меѓу десетте највисоки исплати според Законот за надворешни коруптивни практики во САД. Законот им забранува на фирмите кои котираат на берзата во САД да даваат мито или да вршат неправилни исплати на странски претставници.

Спогодбата значи дека компанијата не мора ниту да ја признае, ниту да ја негира вината. Според условите во договорот, Министерството за правда вели дека нема да ги гони фирмите во следните две години, доколку тие продолжат да ги подобруваат процедурите за усогласеност со законот и го почитуваат самиот закон.

Маѓар Телеком, исто така, ги прифати како „вистинити и точни” низата детални обвинувања за коруптивни исплати што се вклучени во спогодбата околу обвиненијата.

Овие обвинувања сè уште можат да се оспорат ако други осомничени во случајот бидат изведени пред суд.

„Само затоа што една компанија признава одредени факти, тоа не значи дека ова признание е обврзувачко кон другите”, вели Мајк Келер, професор по право на Универзитетот Јужен Илиноис кој има блог за спроведувањето на Законот за надворешни коруптивни практики.

Обвинителите од САД, сепак, откриваат голем број детали што посочуваат кон една шема според која се вршени коруптивни исплати на македонски функционери.

Но, ниту еден владин претставник во Македонија никогаш не бил под истрага во врска со случајот, повеќе од пет години откако американските агенции започнаа со нивната истрага.

Само четири лица се обвинети од страна на обвинителите во Скопје во врска со аферата за Телеком. Сите се странски државјани. Обвиненијата против еден од нив неодамна беа отфрлени. Останатите тројца никогаш не се изведеи пред судот. Обвиненијата беа поднесени во 2008 година.

„Во оваа фаза од постапката, ниту едно од законските барања за меѓународна потерница не се исполнети”, изјави за БИРН портпаролот на Основниот суд во Скопје.

Малиновски, поранешниот шеф на Државната комисија за спречување на корупцијата, вели дека обвинителите од земјата се способни за извршување на поголема истрага.

„Прашањето е дали сакаат да го направат тоа”, вели тој. „Корупцијата мора да биде насочена кон некои официјални лица. За притворање на функционери не е потребна меѓународна потерница”.

Спогодбите во САД, исто така, го обвинуваат Маѓар Телеком за поткупување на владини претставници во Црна Гора. Сепак, и покрај парламентарната истрага во земјата, нема обвиненија.

Притисок од Брисел

Македонски телекомуникации влезе во новиот милениум како реликт од комунистичкото минато на Македонија.

Фирмата беше во целосна сопственост на државата, а имаше целосен монопол над фиксната мрежа, како и новата мобилна мрежа. Во јануари 2001 година, Владата, предводена од партијата позната по својот акроним, ВМРО-ДПМНЕ, го продаде мнозинскиот удел во фирмата на конзорциум предводен од Маѓар Телеком.

„Нашиот план е прилично едноставен”, беше цитиран поранешниот извршен директор во унгарската фирма, Елек Штрауб, во едно соопштение на компанијата: „Ние сакаме да даваме најдобри можни услуги по прифатлива цена”.

Никола Груевски, сегашниот македонски премиер кој во тоа време беше министер за финансии, рече дека се надева оти приватизацијата е знак за нештата што доаѓаат. Тој алудираше на германско потекло на матичната компанија на Маѓар Телеком, Дојче Телеком.

„Продажбата … е најдобар избор и верувам дека ќе донесе други германски инвеститори во Македонија”, беше цитиран во друго соопштение на компанијата.

Во летото 2001 година, сепак, странските дипломати, а не инвеститорите беа тие кои го насочија нивното внимание кон Македонија.

Бунтовниците од етничкото албанско малцинство зедоа оружје во борба против државата. Нивниот бунт, и одговорот на македонската армија, ја донесоа земјата до работ на граѓанска војна. Илјадници лица беа раселени додека борбите ескалираа.

Медијатори од САД и од ЕУ ги донесоа завојуваните страни на преговарачка маса. Мировниот договор беше постигнат, ставајќи крај на непријателствата. Следеа избори во 2002 година, со што дојде до промена на власта.

Социјалдемократите, познати под кратенката, СДСМ, се здружија во коалиција со една помала партија на етничките Албанци, ДУИ, чии лидери беа од редовите на бунтовничкото движење.

ЕУ со олеснување го прифати фактот што е избегната уште една балканска војна, поради што ја награди Македонија со брзо проследување на нејзината апликација за членство. Таа, исто така, започна повеќе да се интересир за комуникацискиот сектор на земјата, во кој сè уште доминираа монолитнате Македонски телекомуникации.

Радмила Шеќеринска, пратеник од опозицијата, која тогаш беше министер на СДСМ за ЕУ интеграција, вели дека Брисел „притискаше за либерализација на телекомуникацискиот пазар”.

‘Несакана конкуренција’

Во февруари 2005 година, македонската влада го одобри законот со кој ќе се отвори секторот за конкурентите, во согласност со барањата на ЕУ.

Новиот Закон за електронски комуникации вклучуваше построги одредби против монополот, наведувајќи дека тоа ќе ги спречи операторите со „значителен удел на пазарот” од „злоупотреба на нивната позиција”. Тој, исто така, воведе повисок надоместок за фреквенција на мрежите, со други зборови, наплатувајќи им повеќе за користење на безжични радио фреквенции.

Сепак, некои директори од Маѓар Телеком не биле премногу задоволни од можноста за нов конкурент.

Според американските судските документи, двајца вработени во компанијата им го пренеле своето незадоволство на македонските владини претставници на состанокот одржан во Скопје во јануари 2005 година, еден месец пред законот да биде усвоен. Исто така, на состанокот биле присутни тројца мажи кои судот ги наведува како „грчки посредници”.

На главниот плоштад во Скопје сега доминира статуата на воинот на коњ.
Следниот мај, извршни директори од Маѓар Телеком потпишаа договор со висок македонски политичар. Неговата цел, според судските документи, била да се „одложи или спречи” доделувањето лиценца на третиот мобилен оператор.

Со договорот, исто така „би се ублажиле другите несакани ефекти од новиот закон”, делумно со тоа што ја намалува обврската на Македонски телекомуникации да го плати „целокупниот износ од зголемената такса за радио фреквенција”.

На крајот од мај 2005 година, македонски владини претставници се сретнале со директори од Маѓар Телеком во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје. Двајца од грчките посредници, исто така, биле присутни.

Според судските документи, сите присутни на средбата „се согласиле да не го објавуваат постоењето и целта на договорот пред други, вклучувајќи ги и ревизорите на Маѓар Телеком и јавноста”.

Во август таа година, судските документи велат дека директорите на Маѓар Телеком подготвиле друг таен договор за втор висок македонски функционер од една помала политичка партија.

Со цел да ја обезбедат неговата поддршка, тие ветиле дека ќе обезбедат „деловна можност” за „субјект назначен” од страна на неговата политичка партија. Можноста никогаш не се материјализирала, но била обезбедена поддршката од функционерот и документот бил потпишан.

Единствените потпишани примероци од двата тајни договори биле доверени на еден човек идентификуван во судските документи како првиот грчки посредник.

‘Легитимна зделка’

БИРН доби непотпишани примероци од двата договори, на кои стои насловот „Протокол за соработка”.

Првиот договор остава простор за потпис на претставник на Владата на Република Македонија, именуван во протоколот како „Владо Бучковски”, човекот кој тогаш беше премиер.

За време на интервјуто во зградата на скопскиот Правен факултет, каде што предава право, Бучковски потврди дека тој навистина го потпишал протоколот. „Нема ништо сомнително овде, ова не е коруптивен договор”, изјави тој за БИРН.

Протоколот никогаш не бил ставен во владината архива, како што се бара според македонските закони. Сепак, Бучковски тврди дека тој не бил таен. Тој вели дека формата на договорот не бара тој да биде внесен во официјалната евиденција.

Освен со академската професија, Бучковски продолжува да се бави со политиката. Тој се одвои од СДСМ, која сега е најголемата опозициска партија. Како лидер на нова партија, тој стана жесток критичар на партијата од која замина.

Бучковски, исто така, е вмешан во случајот за воени набавки, во кој тој беше обвинет за преувеличување на налогот за набавка на резервни делови за тенкови. Ова лето, тој беше осуден на три години затворска казна за неговата улога во аферата. Тој ги негира сите обвиненија за корупција и поднесе жалба против пресудата.

Бучковски вели дека протоколот бил наменет за решавање на ќор-сокакот со Маѓар Телеком во време кога компанијата му должеше исплата на дивиденди за неколку години на својот партнер во Македонски телекомуникации, македонската влада.

„Протоколот за соработка не го регулира прашањето за либерализација на пазарот“, вели тој. „Протоколот ги регулира односите [со Маѓар Телеком]. Прво, го затвора начинот на кој ќе се исплаќа дивидендата и говори за идните планови“.

Протоколот навистина наведува нов распоред за исплата на дивиденда на владата.

Исто така, се вели дека исплатите во иднина ќе бидат условени од „доверливоста на регулаторната рамка“ на македонскиот пазар за телекомуникации.

Понатаму, протоколот вели дека сите подзаконски акти во Македонија ќе бидат „донесени во претходна консултација со МакТел/Матав”. Матав е поранешното име на Маѓар Телеком.

На друго место, во протоколот се наведува дека владата на Македонија „ќе ги прифати сите предлози за подзаконски акти кои ќе бидат дадени од страна на МакТел/Матав”, сè додека тие се во согласност со „законот и европската пракса”.

Во тековната тужба против извршните директори на Маѓар Телеком, одбраната тврдеше дека протоколот не бил ништо повеќе од „Меморандум за разбирање” меѓу двата акционери во Македонски телекомуникации.

Далеку од тоа дека е таен документ, одбраната вели дека протоколот само ги одразувал „политичките и деловни компромиси за кои се преговарало”, кои биле во согласност со европските закони и пракса.

Меѓутоа, КХВ тврди дека намерата зад договорот воопшто не била невина.

„Протоколот за соработка беше незаконски според македонските закони”, се вели во тужбата против тројца извршни лица на Маѓар Телеком.

„Тој бара од владините претставници да ги игнорираат нивните законски обврски”, со блокирање на влезот на трет оператор и намалување на надоместокот за фреквенција која Македонски телекомуникации требало да го плати.

Примерок од вториот протокол за соработка до кој дојде БИРН остава празен простор за потпис на уште еден претставник на македонската влада – Џемали Мехази, поранешниот министер за транспорт и врски. Мехази е член на ДУИ, партијата на етничките Албанци која соработуваше со СДСМ во пост-конфликтната коалиција.

Тој не одговори на барањата на БИРН за коментар. ДУИ и понатаму е во владата и сега е малцински партнер во коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Сомнителни договори

Слично како и македонскиот оператор што подоцна ќе го купи, Маѓар Телеком се издигна од урнатините на источно европскиот комунизам како уште една државна мрежа со монополска позиција.

Компанијата беше приватизирана во текот на 1990-тите, при што Дојче Телеком постепено го стекна мнозинскиот пакет акции.

Во 1997 година, Маѓар Телеком ги понуди своите акции на Њујоршката берза, горд момент што беше одраз на неговата сила во земјата и нејзините амбиции во странство. Според интернет страницата на компанијата, тоа беше првата фирма од Централна и Источна Европа што котираше на берзата.

Речиси една деценија подоцна, оваа котација ќе овозможи КХВ да отвори истрага за Маѓар Телеком според Законот за надворешни коруптивни практики.

Иако законот обично е насочен кон фирми со седиште во САД, исто така, може да се користи за да се истражат странски компании кои котираат на берзите во САД и поднесуваат финансиски извештаи до КХВ.

Андрија Мандиќ, лидер на опозициска партија во Црна Гора, вели дека локалните обвинители не успеале да го проследат извештајот на неговата комисија.
Истрагата, и конечното откривање на тајните протоколи, беше резултат на рутинска ревизија од страна на „Прајсвотерхаус Куперс“, компанија која се грижеше за сметководството на Маѓар Телеком.

Истрагата откри два договори од 2005, чија „природа и деловни цели … не се лесно видливи”, се вели во извештајот што ќе биде поднесен од страна на Маѓар Телеком во 2009 година.

Во февруари 2006 година, комисијата за ревизија во телекомуникациската компанија ја задолжи адвокатската фирма „Вајт & Кејс“, да го испита случајот. Фирмата откри дополнителни сомнителни договори. Таа, исто така, објави дека некои вработени во Маѓар Телеком ги уништиле документите за кои адвокатите се надевале дека ќе ги искористат во нивната истрага.

Комитетот за ревизија нареди една поширока, внатрешна истрага. Таа во 2009 година заклучи дека високи извршни директори на Маѓар Телеком и Македонски телекомуникации одобриле исплата на 24 милиони евра за над 20 сомнителни договори.

Договорите наводно биле за услуги како што се консултации и лобирање. Но, всушност, нема докази дека таква работа била извршена во тој временски приод или на тој начин.

„Доказите покажуваат дека, спротивно на нивните услови, одреден број од овие договори биле склучени за да се добијат конкретни регулаторни и други придобивки од Владата на Македонија”, се вели во извештајот на компанијата.

Според американските обвинители, договорите требало да ги маскираат исплатите кои биле наменети за мито.

Според американските судски документи, директорите платиле речиси 4.9 милиони евра во периодот меѓу 2005 и 2006 година на една компанија со седиште на Кипар и нејзините филијали. Компанијата е контролирана од страна на тројцата грчки посредници.

Во тоа време, Маѓар Телеком и на Македонски телекомуникации го добиваа она што го сакаа во Македонија. Владата го одложи влезот на третиот мобилен оператор до 2007 година, и го намали надоместокот за фреквенција за МакТел.

Според судските документи, „директорите на телекомот знаеле или биле свесни за големата веројатност дека постоеле околности во кои, сите или дел од приходите” од плаќањата што ги направиле „ќе бидат понудени, дадени, ветени или платени, директно или индиректно, на македонски владини претставници”.

Сепак, нема докази кои покажуваат дека исплатите стигнале до некого во македонската влада.

Излез од берзата

Во случајот што во моментов се води против тројцата извршни лица од Маѓар Телеком, одбраната ги отфрли тврдењата за лажните договори во Македонија, тврдејќи дека тие се легитимни и транспарентни.

Бучковски ги отфрла тврдењата дека протоколот е поврзан со наводите за мито како што велат од КХВ.

„Тој не е коруптивен”, изјави тој за БИРН. „Јас не знам дали тие знаат нешто друго во врска со исплатите”.

КХВ ја започна својата истрага во Маѓар Телеком во 2006 година, откако компанијата првично го објави откривањето на сомнителни договори.

На 19 ноември 2007 година, Маѓар Телеком ја одбележа 10-годишнината од своето котирање на њујоршката берза.

Три години подоцна, на 12 ноември 2010 година, компанијата повеќе не котираше на берзата. Според интернет страницата на компанијата, таа го направила тој потег „со цел да се намали комплексноста во финансиското известување и административните трошоци”.

Маѓар Телеком продолжува да биде партнер на македонската влада и се заеднички сопственици на мобилната мрежа, која оттогаш е ребрендирана во Т-Мобиле. Двете страни продолжуваат да земаат значителни дивиденди од својата заедничка инвестиција.

Горан Ризаов е новинар од Скопје. Уредник е Нил Арун и овој текст е дел од Balkan Fellowship for Journalistic Excellence, иницијатива на фондациитеRobert Bosch StiftungиERSTE Foundation, во соработка соBalkan Investigative Reporting Network.

Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Претседателот на Одборот на Би-Би-Си официјално се извини за монтажа на говор на Трамп; американскиот претседател најави правни дејствија

November 10, 2025

Јапонија погодена од земјотрес со јачина од 6,8 степени, издадено предупредување за цунами

November 9, 2025

Контроверзен руски крипто-милионер и сопругата се убиени во Дубаи, телата им ги распарчиле изнудувачи

November 9, 2025

Големи демонстрации во Лисабон: Работниците се спротивставуваат на олеснето отпуштање и скратување на правата

November 9, 2025

Кина привремено ја укина забраната за извоз на ретки метали во САД

November 9, 2025
ФОКУС

Блокатата на „ИПАРД 3“ е удар брз земјоделството и врз репутацијата на земјата

ВЕСТИ November 10, 2025

„ИПАРД 3 е програма за периодот 2021–2027, чија цел е модернизација на земјоделството, развој на…

36 години од падот на Берлинскиот ѕид

November 10, 2025

„Супорт Кочани“ : Собравме и поделивме близу 11 милиони денари на 137 лица

November 9, 2025

Родителите на починатите во „Пулс“ со порака до судиите: Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми

November 8, 2025
ТИКЕР

Претседателот на Одборот на Би-Би-Си официјално се извини за монтажа на говор на Трамп; американскиот претседател најави правни дејствија

November 10, 2025

Јапонија погодена од земјотрес со јачина од 6,8 степени, издадено предупредување за цунами

November 9, 2025

Контроверзен руски крипто-милионер и сопругата се убиени во Дубаи, телата им ги распарчиле изнудувачи

November 9, 2025

Големи демонстрации во Лисабон: Работниците се спротивставуваат на олеснето отпуштање и скратување на правата

November 9, 2025

Кина привремено ја укина забраната за извоз на ретки метали во САД

November 9, 2025
CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2025 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.