Полицијата и Царинската управа на граничниот премин Делчево на излез од Македонија откри 138,9 килограми висококвалитетна марихуана. МВР соопштува дека со ова е пресечен меѓународен нарко-канал од Македонија, преку Бугарија до западноевропските земји.
Како што информираше на денешната прес-конференција министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска вчера на граничниот премин се откриени вкупно 139 килограми марихуана која била скриена во даски кои биле користени како амбалажа во камионот. Засега нема информации од каде потекнува дрогата, но се претпоставува дека е од Албанија.
Според министерката, дрогата е наменета за западноевропскиот пазар и истата може да достигне цена до 1,5 милион евра.
Приведени се четири лица од кои три од Велес и едно од Скопје. Се работи за организирана група А. С. (48) од Велес, Р. К. (40) од Скопје и М. Т. (22) од Велес, која организирале транспорт на марихуана од Македонија за западноевропските земји.




