Отворено писмо до Претседателот на државата Ѓорѓе Иванов упати невладината организација ХЕРА.
Во писмото се бара претседателот Иванов да не го потпишува указот за прогласување на Законот за прекинување на бременоста кој беше донесен вчера во Собранието и истиот да се врати во редовна собраниска процедура. Во писмото се вели:
„Претходните денови македонското општество беше разбранувано од итната постапка за донесување на законот кој Министерството за здравство го поднесе во Собранието без притоа да ја информира јавноста, а уште помалку да отвори јавна и стручна дебата за ова многу важно прашање за жените. Со оваа постапка беа потценети жените и нивните права, но не само тие, туку и стручната јавност, гинеколозите, граѓанскиот сектор кои беа изоставени од процесот на консултација.“
Од ХЕРА потенцираат дека самото поднесување и донесување на овој закон по итна постапка е едно од клучните спорни прашања бидејќи задира во правата и слободата на жените.
„Дополнително законот содржи низа одредби кои го ограничуваат правото на жената слободно да одлучува за прекинот на бременоста и е во спротивност со медицинските стандарди на Светската здравствена организација и човековите права на жените“ се вели во писмото на ХЕРА упатено до претседателот Иванов.