Претседателот на Антикорупциската комисија, Горан Миленков, денеска на прес конференција одби да одговори на новинарски прашања за тоа дали ќе постапат и што ќе преземат во врска со откриените наводи за криминални злоупотреби од страна на функционери на власта во снимките што ги презентираше лидерот на опозицијата, објавува А1он .
По неколку поставени прашања, тој заедно со останатите членови на Комисијата ја прекинаа прес-конференцијата.
На прашањето дали отворил случај по допрен глас за криминалите на власта презентирани во „бомбите“ од опозицијата, Миленков само кусо рече дека нема коментар.
– Не ги коментираме овие случаи бидејќи се во судска постапка, рече тој.
Претходно на барање коментар од новинарка за слабите резултати што ги постигнува Комисијата во борбата против корупцијата нотирани во извештаи на релевантни меѓународни институции, Миленков одговори дека тоа е лично мислење на новинарот што тој не го коментира.
Новинарите му забележаа и дека бројките што ги кажуваше за покренати и решени случаи се нејасни и измешани, а тој одговори:
– Целиот текст ќе го имате на крај на прес- конференција па може да ги проверите.




