Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ донел одлука за свикување на Конвенција за избор на кандидат за Претседател на Република Македонија, која ќе се одржи на ден 01.03.2014 година.
– Свикувањето на Конвенција за избор на кандидат за Претседател на Република Македонија е редовна пракса која ВМРО-ДПМНЕ ја применува од своето формирање. На сите досегашни претседателски избори ВМРО-ДПМНЕ избирала свој кандидат токму на овој начин, низ демократска процедура, каде делегатите одлучуваат врз база на своето убедување, а врз основа на вредностите, принципите и програмите на предложените кандидати, информираше Илија Димовски од ВМРО – ДПМНЕ.
Според него ВМРО-ДПМНЕ ќе објави јавен повик за пројавување на интерес, односно приложување на кандидатура до Конвенцијата за избор на кандидат за Претседател на Република Македонија.
– Право да приложат своја кандидатура имаат сите граѓани на Република Македонија кои ги исполнуваат уставните услови за извршување на функцијата Претседател на Република Македонија, кои се членови на ВМРО-ДПМНЕ или се поддржувачи на политиките на партијата и се наоѓаат себе си во ставовите на ВМРО-ДПМНЕ за државните и националните прашања, појасни Димовски.




