„Како ИВЗ да учествува на една конференција, на која треба со нашето присуство, со нашите реферати и излагања да докажуваме дека имаме верска рамноправност во мултиконфесионална заедница, дека сите граѓани врз основа на нивната различна вероисповед се рамноправни, дека имаат еднаков третман од државата и дека Владата со сите нив се однесува еднакво, кога, очигледно, не е така во практика“, рече во своето последно интервју, неодамна починатиот, Јакуп Селимовски од Исламска верска зедница.
Иако тој искажа надеж дека надлежните државни органи, посебно Министерството за култура, „ќе го чујат нашиот глас и ќе извршат координација со другите министерства и дека што поскоро ќе ги постават овие прашања за да најдеме соодветни решенија“, сепак до денска ништо не е променето – Светската меѓурелигиска конференција започнува без ИВЗ.
Еве некои од причините, кои Селимовски ги наброја, поради кои ИВЗ одби да биде дел од Третата меѓурелигиска конференција:
Црквата „Св. Константин и Елена“се гради врз некогашен имот на ИВЗ
– Новата црква „Св. Константин и Елена“, која почна да се гради пред Домот на АРМ, се гради врз парцела што претходно беше имот на ИВЗ. Станува збор за национализиран имот, кој Комисијата за денационализација го потврди како имот на ИВЗ, меѓутоа во тоа време, според Деталниот урбанистички план, таму беа планирани парк и зеленило, нам не ни се враќа имот, туку ни се дава компензација. Кога побаравме да ни се врати и да чекаме измена на ДУП, нам тоа не ни се дозволи, меѓутоа веднаш кога стана правосилна постапката за компензација и ние ја прифативме компензацијата, веднаш се поттикна иницијатива за измена на ДУП и веднаш тука се нацрта маркичка за црква. Ние не сме против изградба на црква и да побараа согласното од нас ние ќе им ја дадевме, но проблемот е во односот. Таму каде што МПЦ смета дека треба гради цркви, нека гради во согласност со законската регулатива. Но, бараме истото да важи и за нас.
Возобновување на Бурмали-џамија на плоштадот
– Не се откажуваме од барањето за возобновување на Бурмали-џамија на плоштадот „Македонија“. Убедени сме во тоа дека ако таа локација биде обесчестена со каква било друга градба ќе реагираат сите муслимани на подрачјето на Скопје и нема да дозволат да им дадат отштета за таа локација. Ако возобновуваме култури и традиции и слично од минатото и ставаме белези на градот Скопје, во тој случај би требало да се возобнови и Бурмали-џамија. Прво, поради нејзината историска вредност, второ, поради нејзината архитектонска вредност и трето, поради потребата од верски објект на десната страна од реката Вардар, каде што живеат повеќе од 50.000 граѓани со муслиманска вероисповед. Поради тоа што од Нерези до с. Батинци ние немаме џамија во тој простор.
Делумна денационализација
– Побаравме да ни се вратат двата најголеми ана – Капан-ан и Сули-ан, во Старата скопска чаршија, во согласност со Законот за денационализација, кои се имот на ИВЗ национализиран во 1948 година, а ние имаме и српска и стара турска тапија. Куршумли-ан не го бараме, не сме го вадееле во 1948 година, порано бил одземен и Законот за денационализација не го третира тоа. Двата ана биле во наша сопственост и треба да ни се вратат, тие почнаа да го менуваат Законот за денационализација, па голем комплекс е, под заштита на културните споменици, меѓутоа заштитата на културните јадра и прогласување за споменик на култура не ја доведува во прашање сопственоста на објектите. И во истата Стара чаршија ние имаме четири џамии што се заштитени споменици на културата, а ние сме сопственици, имаме 70 локали и ИВЗ ги управува. Меѓутоа, киното „Напредок“, сега детски театар и двата ана се трите објекти што треба да ѝ се вратат на ИВЗ. На другите верски заедница им се вратени 80-90 проценти од имотите, а на ИВЗ не се ни 30 проценти. И тука се создава тој револт и нееднаков третман.
10 години се бара нова локација за седиште на ИВЗ
– Можеби веќе 10 години бараме нова локација за седиште на ИВЗ, меѓутоа интензивно во последните пет години. Нѐ натераа да побараме промена на ДУП за локацијата кај Француски гробишта во Скопје. Доставивме барање до Владата на РМ и во разговори на највисоко ниво ни беше кажано да посочиме некои локации што се погодни. Оваа локација е чиста, нема побарувања според Законот за денационализација и е имот на РМ, па затоа побаравме да ни се додели. Ни ветија дека ќе ни се додели, меѓутоа таму постоеше само Генерален урбанистички план и не постоеше Детален урбанистички план. За да ја забрзаме постапката, бидејќи Владата нема пари за ДУП, а и општината нема пари, ни рекоа ние да платиме за изработка на ДУП, а тие ќе го усвојат. Планот неколкупати шета од Министерство за транспорт во Општина Центар и последната информација е дека Министерството го дало во Општина Центар на повторно усвојување, но сè уште немаме официјална информација.
Хуса Медин-пашината џамија во Штип продадена на МПЦ
– Хуса Медин-пашината џамија во Штип, која беше една од петте џамии што ИВЗ бараше државата да ги врати во нејзина надлежност, во 2006 година државата ѝ го врати тој имот на ИВЗ, но, за жал, во 2009 година Министерството за финансии, по барање на Брегалничката епархија ѝ ја продаде џамијата (која функционира како џамија и ние во петок држиме молитва во неа) на епархијата за 8.000 евра. Веќе е во прашање загрозување на интересите на ИВЗ.
Џамија и муслимански гробишта – имот на Брегалничката епархија
– Проблемот со џамијата во село Град, Делчевско, каде што без знаење на ИВЗ, а по барање на Брегалничката епархијата, џамијата и муслиманските гробишта (каде што сѐ уште има 10-15 муслимански куќи што живеат во селото) во општинскиот катастар ѝ се префрлени како имот на Брегалничката епархија. За ова испративме и писмен допис до МПЦ, меѓутоа, за жал, до денес не одговорија. Сега муслиманските гробишта што се активни и каде што се погребуваат муслимани се имот на МПЦ.
Возобновување на прилепската џамија
Прилепската џамија, која во 2001 година беше запалена, а сите цркви што настрадаа во конфликтот се санирани, дури и претставници на ИВЗ учествуваа во санација на црквата „Св. Атанасиј“ во Лешок, тогаш беше договорено и прилепската џамија да се возобнови, но до денес таа не е возобновена.
Паралелна верска заедница во Прилеп
Градоначалникот на Прилеп, Маријан Ристески, со една групичка од ромското муслиманско население и со помош на Комисијата за односи со верски заедници, формира верска заедница што ја регистрира во судот без знаење и без да побара мислење од ИВЗ, што е во спротивно со Законот за регистрација на верски заедници. Ако мислат дека со изградбата на џамија за дел од муслиманското население ќе се заборави потребата од санација и од реконструкција на чаршиската џамија, тоа не е можно. Ние никогаш нема да отстапиме од тоа, чаршиската џамија мора да се изгради зашто таа е споменик на култура од 15 век и била запалена во едно насилство и не смее да остане во ваква состојба. Во исламот ни наметнаа да се формира една групичка, чијашто основа е сунитска, а и ние сме сунити. Исламската верска заедница во Македонија е сунитска верска заедница по Уставот. Значи, не смееја да го направат тоа. Но Комисијата за односи со верските заедници даде согласност, со што направи отстапка од своите ингеренции иако е надлежна да работи во согласност со Законот за регистрација на верските заедници. Значи, станува збор за политичка волја. Некој од погоре го направил тоа за да се дискриминира ИВЗ, за однатре да се разбива, да се дели на делови.
Јакуп Селимовски на крајот истакна дека ИВЗ поделена во делови ќе биде многу опасна за целото население во Република Македонија.
„Ако почнат расколите во ИВЗ да заземаат сериозни димензии, тогаш сѐ околу нив ќе има тешкотии. Тие не се свесни каков чин прават и како се однесуваат кон исламот и кон муслиманите и на каков начин ги омаловажуваат“, ова се зборовите на човекот Селимовски кој во ИВЗ ја вршеше функцијата директор на секторот за верска просвета.
Селимовски беше последниот Реис ул улема на ИВЗ во поранешна Југославија. Тој имаше значајна улога во организирањето и функционирањето на Исламската Верска заедница во Македонија. Селимовски секогаш се бореше против напливот на радикалниот ислам во Македонија. Јакуп Селимовски беше роден 1946 година во Кичево. Ја започна кариерата како учител во Исламската асоцијација по враќањето во Македонија. Селимовски почина на 29 март годинава во болница во Турција. (Интревјуто беше објавено на 23 ноември 2012, во неделникот Република)