На 30 септември и 1 октомври 2013 година, во посета на Република Македонија ќе престојуваат членови на неформалната група за поддршка на Република Македонија во Европскиот парламент, „Пријатели на Македонија“, соопштуваат од МНР.
Делегацијата, која доаѓа по покана на министерот за надворешни работи, Никола Попоски, ќе ја сочинуваат претседателот на групата, германскиот европратеник Мартин Кастлер и европратеникот Туне Келам од Естонија, двајцата од редовите на Европските народни партии.
Покрај средбата со министерот Попоски, предвидено е европратениците да остварат средби сопретседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, како и со свои хомолози во Собранието на Република Македонија.
Во фокусот на разговорите со европратениците ќе биде напредокот на Република Македонија во исполнувањето на критериумите за членство во Европската Унија и перспективите за отпочнување на преговорите за членство во Европската Унија. Исто така, ќе стане збор за натамошното продлабочување на соработката со Европскиот парламент, кој дава јасна и недвосмислена поддршка за европскиот интегративен процес на Република Македонија.




