Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР до надлежното ОЈО поднесе кривична пријава против две лица М.Ш. (53) и А.Ш. (49) поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело – “компјутерска измама“ по чл.251-б .
Пријавените со цел да се стекнат со противправна имотна корист формирале Фондација “Допир“ и креирале веб страна https://bidihumansega.mk/ која активно работела на собирање средства за помош на деца со посебни потреби и ретки болести. Од страна на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, утврдено е дека веб страната ја регистрирал М.Ш., кој бил и претседател на Фондацијата.
По проверките било утврдени дека дека поголем дел од лицата за кои биле собирани донации не постојат, односно дека се лажни, фиктивни профили преку кои веб страницата собирала донации и парични средства.
Од донации на веб страницата биле собрани 3.531.199 денари, односно 50 000 евра.
По направената анализа на банкарските сметки констатирано е дека од собраните парични средства, пријавените вршеле повлекување на парични средства за сопствени потреби.
По извршениот претрес на деловните простории во стан во Скопје, биле пронајдени голем број на докази кои укажуваат дека лицата М.Ш. и А.Ш. свесно вршеле внесување на невистинити податоци и фотографии од деца кои биле предмет за собирање на парични средства по основ на донации и со тоа довеле во заблуда голем број на граѓани и правни лица кои донирале парични средства.
Со Наредба од Судија за претходна постапка од Основен Суд Скопје I – Скопје, паричните средства од фондацијата се замрзнати.




