Долго најавуваниот проект на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп за изградба на фабрика за секундарна селекција на отпад, доживеа тотално фијаско. Според првичните најави фабриката требаше да биде готова до крајот на 2013 година. Денес, на крајот од првиот месец од 2015, од неа нема ниту трага, ниту глас.

Како што пред 3 години тврдеше директорот на ЈКП „Комуналец“ Златко Ристески, прв братучед на прилепскиот градоначалник Марјан Ристески, на линијата за секундарна селекција на отпадот требаше да работат 60 работници во 3 смени. Согласно плановите на директорот Ристески, со доградбата на придружните елементи и компостарата, во фабриката би имало 150 вработувања.

Наместо фабрика, нови работни места и приходи за јавното претпријатие, опремата за селекција на отпад во вредност од 250.000 евра 15 месеци скапува на платото на работната единица ДООЕЛ „Терминал“- Комуналец.

По навика, надлежните од ЈКП „Комуналец“ останаа глуви на барањата на НОВА да ги образложат причините поради кои и после 3 години изградбата на ветената фабрика не е ниту на повидок. Првите луѓе на јавното комунално претпријатие не кажаа ниту дали воопшто имаат добиено градежна дозвола за изградба на халата, која требаше да биде лоцирана во непосредна близина на депонијата кај селото Алинци.

Златко Ристески е 10 години на чело на ЈКП „Комуналец“. Во моментот на седнување во директорската фотелја јавното претпријатие броеше 160 вработени. Една деценија подоцна, нивниот број е речиси 3 пати зголемен, односно изнесува околу 450 вработени.

Истовремено, пред точно две години заради непочитување на колективниот договор потпишан на 04.04.2008 година, Основниот суд во Прилеп го усвои тужбеното барање на синдикалната организација на јавното комунално претпријатие поднесено против ЈКП „Комуналец“. Притоа, судот донесе пресуда со која го задолжи јавното претпријатие да го исполни колективниот договор и на вработените да им исплати надоместоци на плата: јубилејна награда, регрес за годишен одмор и новогодишен надоместок.

Тужбени барања за надомест на штета поднесоа шеесетина вработени, при што судот пресуди дека за периодот 2008-2011 година на секој од нив во просек треба да им бидат исплатени по 2.500-3.000 евра. Со оглед на тоа што вработените поднесоа тужби и за периодот после 2011 година, за очекување е дека средствата кои ЈКП „Комуналец“ ќе треба да им ги исплати на вработените ќе бидат двојно повисоки.

Интересно е што во интервју дадено за еден локален медиум, коментирајќи ги тужбите на вработените Ристески го признава постоењето на партиски вработувања во јавното претпријатие.

„Тужат и оние на кои вчера сум им потпишал решение. Партијата, од гревот згора, му дала место во „Комуналец“, изјави во таа прилика директорот Ристески.

Инаку, во насока на решавање на проблемот со собирање и депонирање на комуналниот и технолошкиот отпад, во 2003 година на седница на Влада беше донесена одлука за изградба на регионална санитарна депонија на површина од 20 хектари помеѓу прилепските села Алинци и Веселчани. Владината одлука за имплементација на проектот „Управување со цврстиот отпад во југозападниот дел на Македонија“ се засноваше на студиозна 12 месечна работа на двете консултантски куќи „ERM Lahmeyer International Gmbh“ и „АБЦ Консалтинг“, ангажирани од страна на германската KFW банка.

За таа цел, со одлука на Советите на општините од југозападниот регион, беше формирано и Меѓуопштинско јавно претпријатие „Тополчани“. Вкупната вредност на проектот изнесуваше 20,8 милиони евра, а средствата беа обезбедени од Инвестиционата Европска Банка, од KFW банката, од Владата на РМ, како и од општините основачи на МЈП „Тополчани“.

Проектот предвидуваше изградба на нова депонија за севкупниот регион, 3 трансфер и 7 претоварни станици, набавка на возила за собирање и транспорт на отпадот, набавка на контејнери и апарати за рециклажа, како и вклучување на претпријатие со приватен капитал кое би функционирало на принципот на јавно-приватно партнерство. Во новоизградената фабрика требаше да бидат отворени 200 работни места.

Според зборовите на тогашниот градоначалник на Општина Прилеп од редовите на СДСМ Сашо Пирганоски, за менаџирање на проектот интерес покажале 8 светски познати компании, меѓу кои и францускиот конгломерат „Vivendi“.

После победата на локалните избори од 2005 година, новото општинско раководство на ВМРО-ДПМНЕ предводено од актуелниот градоначалник Марјан Ристески, го стопираше проектот.