Заложувавме автомобили да донесеме диџеи, најважно беше да има добра журка и да струи модерен ветар, раскажуваат Огнен Узуновски Оги и Миле Станишковски Станиш

Осамостојувањето и промената на општественета клима донесе години на неизвесност, транзиција, ембарга, визен режим, воен конфликт, но за кретивните поединци тоа значеше предизвик. Овој нов политички ветер беше клучен за храбро одвојување од локалниот контекст и вртоглав чекор кон новите музички правци. И додека Скопје полека ги надминуваше клупските џез-свирки и во светот се раѓаше нова музика заедно со идејата за глобализација, кај нас срамежливо се создаваше јадро од млади промотори, поддржувачи и уметници. Дотогаш, електронскиот звук ни беше познат преку бендови како „Крафтверк“, „Продиџи“, „Масив атак“ , но прогресивното будење на основачите на клупската техно сцена создаде критична маса за новите електронски правци што ги презентираа диџеј артистите. Оние кои преку промоција на електронската музика, создаваа историја паралелна со политичката денес со гордост и со емоциии зборуваат за случувањата кои го донесоа светот кај нас.

Низ разговор со Огнен Узуновски Оги и Миле Станишевски Станиш, се обидовме да го скицираме овој клупски феномен, кој повлече и многу други промени преку медиумското присуство, дизајнот на ентериерите во клубовите, маркетингот, брендирање, модата и воопшто други социолошки збиднувања. Фактите говорат дека токму оваа сцена ја позиционираше Македонија во светските медиуми преку објавите за гостувања на големите диџеј имиња. Во овој прилог кој се осврна на 30 години независна клупска сцена зборуваат и еден од пионерите на оваа сцена, Мирко Попов-ПМЏ Колектив, и новинарките што медиумски ја поддржаа сцената, Светлана Симоновска и Марија Атанасовска.

Новите клупски светлишта „Пабло“ „Сектор909“ и „Елемент“ кој беше пандан на њујоршкиот „Студио 54“

„Имаше кон крајот на 90-тите, некои журки во „Хард рок“ и во „Мусандра“, се вртеше едно цеде со германско техно. Слушавме се што можеше да ни падне во раце. Имаш една касета па ја преснимуваш па ја враќаш, не е како сега, кога се е достапно со интернетот. Прв техно клуб беше „Спутник“. Таа емоција што ја градевме можеби токму заради тоа што се беше тешко достапно, не може сега да се објасни. Иако оваа сцена во Европа веќе егзистираше, ние некако брзо успеавме да создадеме критична маса. Сакавме нов саунд, модерни промени и за разлика од регионот кој и натаму живееше во мрак кога станува збор за електронската сцена, ние веќе тргнавме напред. Техното значеше нов начин на размислување, нова филозофија на живот. Мислам дека Оги тогаш беше најхрабар и почна да размислува како ние да дојдеме до диџеи што ќе ги донесеме тука“, раскажува Станиш, познат како сопственик на кафе „Пабло“ кое за многумина е првото искуство со електронската сцена.

Миле Станишевски Станиш

Клубот „Елемент“ се отвори на 7 март 2001, ентериерот го дизајнирал, истиот човек кој го осмисли „Кафе Де Пари“.

„Елемент беше првиот клуб, кој имаше неделна програма, загубите од диџеите преку викенд ги вадевме со некоја мејн стрим програма“, раскажува Станиш, кој беше еден од менаџерите на „Елемент“.

Новинарката Светлана Симоновска се сеќава дека „Елемент“ илјадници млади луѓе доближи до клупската сцена.

„Страст за професионално да почнам да ја следам клупската сцена ми се јави кога диџеј Зоки Бејбе ме викна во канцеларијата на клубот Елемент. Бев зачудена што имаат канцеларија во која промоторскиот тим на клубот ги следеа настапите на светските диџеи, напикани со главите во компјутерските монитори изгледаа како работници на берза а не на промотори на Клуб. На тоа им претходеа промоциите на изданијата на ПМЏ, исто така сериозно сработени со дизајн со журки со се.  За развојот на клупската сцена многу придонесе и отвореноста и на странските диџеи, со леснотија прифаќаа да дадат интервјуа и со радост зборуваа за енергијата што ја доживеале на забавите во Македонија, и едвај чекаа повторно да настапат кај нас. За ова многу се заслужни промоторите на забавите. Тие беа најголемите визионери и ентузијасти. Клубовите во новиот милениум мирисаа на дружба и солидарност. Кога се смени општествената енергија се смени и онаа во клубовите“, вели Симоновска.

Улогата на Радиото Канал 103 и култниот ПМГ Колектив

Мирко Попов

„Почетоците на електронската сцена во Македонија се поврзани со една прогресивна екипа луѓе кои промовираа свежа музика на тогаш водечкото македонско музичко радио Канал 103. Во тоа време, на почетокот на деведесеттите, Канал 103 беше буквално интернет пред да постои интернетот и прозорец кон светот на прогресивната музика и култура. Електронската музика доби многу радиски простор за промоција, а јас, како млад музички фанатик, тој простор го искористив максимално, успевајќи да таа нова култура ја прелеам во континуирани неделни настани (Канал 103 журки), на кои ја презентирав таа музика. Континуитетот на тие настани беше обезбеден уште во 1993 и од тогаш па наваму едноставно не запира. На почетокот имаше доста отпор кај голем дел од публиката, но ние знаевме дека носиме нешто ново, квалитетно, со револуционерен потенцијал и подоцна ќе се покаже: со круцијално влијание врз развојот на нашата популарна култура. Во 1995 год. го формирав денес веќе култниот ПМГ Колектив, кој веднаш прерасна во во водечка културолошка сила на скопските улици, но и скопските клубови, каде 2 до 3 пати неделно ги правевме тие фамозни “пиемџи” журки кои беа есенцијални за развојот, трансформацијата и конечно прифаќањето на електронската танц култура кај пошироката публика. Набрзо, во втората половина на 90тите, се појавија и други ентузијасти и вљубеници во овој нов звук, па приказната доби многу поширок формат. Останатото е историја“, вели Мирко Попов.

Откривање на детроитската сцена и нејзино доближување до Скопје

„Кафе Пабло ми е прво искуство со електронска музика, таму се создадоа првите промотери. „ПМЏ колектив“, диџеј Самоил Радински , диџеј Никола, и одев на сите журки, независно какво техно имаше. Тогаш почнав да доаѓам до информации и ја открив сцената во Детроит дистрикт кој е водечки и денес. По ова веќе немаше враќање назад, сакавме или не, развитикот одеше брзо преку презентацијата на журките пред младата публика, која добро се едуцираше. Имаше голема посетеност, Најмалку 2000 луѓе. Во секоја следна година ни се менуваше структурата на публиката, додека не се отворија повеќе клубови и тука малку се загуби критериумот“, раскажува Оги денес сопственик на кафе „Излет“.

Огнен Узуновски Оги

Останувале без автомобил за да платат диџеј- кај фризерот Фоте се чекало на ред пред најавена журка

„Во почетокот на формирањето на клупската сцена спонзорите не беа расположени да вложат во промоција. Имавме некоја мала поддршка но тоа не беше доволно. Ги заложувавме колите за да дојдеме до пари за диџеј. Понекогаш ни остануваа под залог и по неколку месеци. Сето тоа се правеше со голема љубов и најважно ни беше журката да биде успешна, а луѓето да си заминат среќни. Подоцна промоторската организација “Баланс” ја издаде на македонски и книгата на Лорен Гарние во 2007 година, која говори за севкупата светска електронска сцена изминативе 30 години. “, раскажуваат Оги и Станиш.

„Тешко одеше со пари. Еден диџеј чинеше и по 12 до 15 илјади евра. Се снаоѓавме некако, не се заработуваше ништо, но важно беше журката да биде добра, и чувството дека правиме нешто добро за сите. Има една анегдота, фризерот Фоте од „Панаш“ ни јавувуваше дека ќе има гужва на журка според тоа колку луѓе тој ден кај него чекале ред за да се средат“, вели Оги.

Промоторската куќа “Баланс” е иницирана и формирана уште во 1999 година од Огнен Узуновски – Оги заедно со Самоил Радински, Иван Тодоровски и Смилен Димитров. Ова означува некој формален почеток на новите страници на македонската електронска сцена. Првата забава на “Баланс” се случи во 2000 година со настапот на реномираниот детроитски диџеј Дерик Меј. Понатаму, во организација на Баланс се случија уште многу други големи забави со Кевин Сандерсон, Лорен Гарние, Стејси Пулен, Фанк Д’воид, Александар Роботник, Суботика, Диџеј Боун, Кристиан Смит, Теренс Паркер, Џин Фарис и многу други.” (објава)

Од супкултура до проект што ќе стане културен амбасадор

„Добив инспирација да направиме концепт кој ќе вклучи електронски артист со саунд од Македонската филхармонија. Кога го запознав Џијан го прашав дали е расположен да направи оркестрација и во 2012 отидов во Детроит да преговарам со „Андерграунд резистенс“, но потоа се договоривме со диџеј Дерик Меј и одбравме какви траки ќе оркестрираме. Побаравме поддршка од Министерството за култура но поради некоја бирократска комуникација не ја добивме потребната поддршка. Проектот се направи со финансиска загуба но важно беше дека тој не лансираше во светот и се чувствуваме како амасадори на Македонија. Тоа беше и прв проект каде што Џијан е диригент. Следеа настапи во Лондон, Мелбурн, Париз, Ница.“, раскажува Оги.

Повторно Министерството за култура немало слух за уште два големи проекти со кои што можело да се постигне голема видливост и промоција на Македонија во светот.

„На 15. годишнината од отворањето на фестивалот „Егзит“ во 2015 година договаравме концерт со „Андерграунд резистенс“ и Македонска филхармонија. Но, поддршка не добивме, иако организаторите до последен миг ја држеа програмата отворена, бидејќи ја разбраа големината на овој проект. Повторно, во 2017,  нашата филхармонија имаше можност да реализира концерт по повод 30 години од смртта на големиот Фела Кути, настап со неговиот син Шон Кути и Рој Ајерс во Античкиот театар во Охрид, но проектот пропадна бидејќи Министерството за култура не не поддржа. Жал ми за овие огромни шанси, со кои загубивме промоција на Македонија од светски ранг“, раскажува Оги.

Дерик Меј и Филхармонија

На 2 август, од 21 часот, во Антички театар, концерт ќе одржат светски познатиот електронски артист и диџеј Дерик Меј и Македонската филхармонија. Со оркестарот ќе диригира Џијан Емин, а организатор на ова несекојдневно случување насловено како „Музика универзалис“ е продукцијата „Излет мјузик“. (објава)

Поддршка од медиумите- прва насловна страница за гостувањето на Кени Ларкин

„И за медиумите беше чудно тоа што се случува. Но за нас Светлана Симоновска од прилогот „Антена“ во тогашниот „Дневник“ издејствува насловна страница, тоа беше посебно доживување.“, велат Оги и Станиш. Емисијата на Марија Атанасовска „Т град“ исто така е суштинска во промоција на електронската сцена.
„По осамостојувањето на Македонија се отворија неколку приватни радија и телевизии. Протекуваа многу повеќе информации од музичката сцена. Клупската сцена се развиваше срамежливо, но сигурно. Некако си го знаеше патот до целта, а целта и беше што повеќе забава и среќни и разиграни луѓе. Тешко им беше на тогашните диџеи и промотори да го остварат својот сон. Се соочувавме со ембарга, затворени граници, па и војна во регионов, скапи авиобилети. Но, успеваа да допрат до светските текови и да ги донесат во Скопје. Во првите 10 години постигнавме многу. Дури бевме и регионален клупски центар. Доаѓаа клабери од Солун, Косово и од Белград. Организирани со коли со преспивања кај пријатели и промотори на журките. Отворањето на клубот „Елемент“ беше логичен след на овие настани, се вложи многу во него и техника и енергија и промоција на настаните. Овој настан го обележи влегувањето во новиот милениум. Имаше краток период на голема слобода во организирање забави што повлече и дизајн на флаери, на клубови, па и одржување модни ревии инспирирани од електронската сцена. Но,среќата кратко траеше. Прогресивнава струја за жал ги измотивира и комерцијалните клубови, кои решија да се одржат по секоја цена. Во 2003 почна да се чувствува јазот помеѓу електронската клупска сцена и комерцијалните клубови. Во 2006 со промената на власта целата слобода на прогресивноста како да се пресече со нож. Тоа го почувствуваа и промоторите на електронската сцена, како и странските диџеи, па се потешко беше да се донесе некој од странство. Во овој период многумина решија да ја напуштат земјава, па имаа дупка од енергијата што ја оставиле кога си заминале и од онаа што ја дочекаа кога ќе дојдоа на краток престој. Мене тие луѓе ми беа најобјективниот показател за успешна лоботомија“, раскажува новинарката Светлана Симоновска.

Светлана Симоновска

Марија Атансовска, креаторка на емисијата „Т град“ вели дека електронската клупска сцена го донесе светот кај нас, но исто така направи и Скопје да биде дел од светот.

Марија Атанасовска со Бој Џорџ

„Најновите трендови и случувања во музиката беа присутни во исто време како и во сите делови на Европа и Америка. Се започна некаде 93-та/94-та со забави во тогашните дискотеки, клубови и кафулиња како Силекс, Мусандра, Метропол, МНТ, Менада, Спутник, Аквадро, Пабло… На почетокот журките беа музички колоритни: техно, хаус, транс – се во иста вечер. А колоритен беше и амбиентот, со ув светла и платна исцртани со флуоросцентни бои. Во еден од клубовите имаше и ласер со зелена боја за комплетна атмосфера. И тоа беше сосема доволно, бидејќи најважна беше музиката. А подиумите полни со млади луѓе кои играаа до разденување. Со часови танцуваа на репетитивните ритми, најчесто со шише вода во рака за да нема потреба да се нашушти подиумот. Со текот на времето почнаа да се диференцираат стиловите и да се организираат забави ограничени на еден музички правец. Хаус, тек хаус, техно, минимал, психоделичен транс, прогресив транс, драменбејс, разни правци и потправци. За сите нив имаше публика со голем интерес. Нашите диџеи тоа успешно го промовираа клупскиот живот и пласираа нова музика. Истовремено организираа и гостувања на странски диџеи и продуценти. Домашната клупската сцена доживеа вистинска експлозија во 2000-те. Се случуваше во иста вечер, на три-четири места во Скопје, музика да пуштаат некои од најпознатите светски имиња во оваа музика. Ако на крајот на 90-те добивав изјави дека македонската сцената наликува на лондонската на нејзините почетоци, веќе на почетокот на 2000 впечатокот на британските музичари беше драстично поразличен. Постојано потенцираа дека имаме едуцирана публика. Затоа што имавме публика што слуша музика, чита за музиката, следи нови изданија, патува на фестивали во регионот. Публика која имаше една цел, да го слушне омилениот диџеј или бенд. Во еден период главна вечер за излегување беше четврток. Во време кога светските диџеи имаа статус на ѕвезди и наплатуваа многу високи хонорари-понекогаш на ниво на бенд, беше попрактично да не се букираат за време на викендот. Што не значи дека немаше забава и во петок и во сабота. Беше предизвик се да се проследи. Преполни подиуми, гласна музика и на моменти овации погласни од музиката. А зад микс пултот, најголемите имиња во диџеј индустријата. Низ годините видовме речиси се што вреди на електронската сцена. Бендови како Крафтверк, Орбитал, Андерворлд., Масив атак.. Од диџејските имиња преставување имаа речиси сите,од најголемите ѕвезди до најавангардните изведувачи. Имаше период кога масовноста на сцената придонесе да се изгуби почетната идеја, сила и енергија. Но, секогаш има подеми и падови. Важно се уште е тука, и понатаму е вредна за внимание. Последниве години ретко одам на клупски настани. На еден настаниот што ги посетив не познавав речиси никого. Што е добро, значи има нова генерација млади луѓе, кои се надевам дека со истата страст и љубов ја следат музиката што ми даде градски лик на Скопје, раскажува Атанасовска.

Речиси сите се согласни дека денес е поинаку и сцената апстинира. Очекуваат дека ќе се случи некој нов почеток со музиката кај нас и се надеваат дека моменталната состојба со слабо едуцирана млада публика ќе се смени. Секако, заклучокот води и кон тоа дека иако со огромен потенцијал, заради некои општествени или пак други околности,  ја пропуштивме шансата да станеме барем водечки регионален центар на електронска клупска сцена.
Ана Василевска