Осумдневен притвор за три лица кои се поврзани со протестите на 5 јули пред Собранието и на 6 јули кај плоштадот „Скендербег“ определи судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје.

„Постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за определување на мерка притвор против три лица, поврзани со настаните од 5 јули пред Собранитето и на 6 јули кај плоштадот „Скендербег“, судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, по произнесување на осомничените во присуство на бранител, донесе решенија со кои го прифати предлогот на обвинителот и на трите лица им определи мерка притвор во траење од осум дена, согласно предлогот за водење истрага во скратена постапка“, соопшти Основниот кривичен суд Скопје.

Судот смета дека се исполенти условите од член 470, став 1, точка 1 и 2, односно дека постои опасност од бегство и можност осомничените да го повторат кривичното дело. Против овие неправосилни решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет на овој суд.