Тетовската полиција поднесе кривични пријави против Н.К.(46) и неговиот син Н.К.(28), а одреден им е и притвор од 30 дена, како осомничени за предизвикување на вчерашната екплозија во ромската населба во Тетово во која беа повредени пет деца, информираше портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.
Од обвинителството најавија дека утре ќе извршат разговор со 15-годишникот во присуство на неговата мајка и претставници на центарот за социјални грижи по што ќе се знае дали и каква постапка ќе се води за него.
Против Н.К. полицијата поднела кривична пријава за недозволена изработка, поседување и трговија со оружје, а за синот освен за истото дело поднесена е пријава и за предизвикување општа опасност.
Од страна на судија во предистражна постапка на двајцата им е определен и притвор во траење од по 30 денови.
При синоќешниот претрес на нивниот дом беше пронајдена и граната за рачен ракетен фрлач по што и таткото и синот беа приведени и задржани во полиција.
Две од петте деца, кои вчера беа потешко повредени при експлозија на бомба во ромската населба во Тетово, се сеуште хоспитализирани. Едното девојче било оперирано на Клиниката за детска хирургија, по што било вратено на КАРИЛ, каде е вклучено на апарати за дишење.
А другото девојче е во болницата „8-ми Септември“ во Скопје, каде му била извршена операција на стапалото, потврди за НОВА директорот Сашо Стојчев.




