Полицијата попладнево приведе едно лице осомничено за вмешаност во убиството на заменик директорот на УЈП, Аргетим Асани, кој денеска во 13 часот беше застрелан од возило во движење во центарот на Струга.
Според полицијата, во Асани било пукано најмалку пет пати. Од ДУИ се огласија со писмено соопштение велејќи дека Асани не бил нивни партиски член. Сепак, Аргетим Асани беше предложен на функцијата заменик-директор на УЈП од страна на ДУИ на вонредна седница на владата. Важеше за човек близок до Ахмети иако претходно беше член на Нова Демократија. Во изјава за НОВА пред повеќе од една година кога се откри скандалот дека Асани бил неплаќач на данок портпаролот на Владата Мухамед Хоџа изјави дека „во тек била процедура за Асани да станел член на ДУИ“.




