Во вчерашната акција на МВР во која беа приведени повеќе лица за расчистување на криминално работење во компанијата „Машинопромет“, приведена е и Елена Јанева Димова директорка на Дирекцијата за големи даночни обврзници, дознава НОВА.
Првоосомничениот Мирослав Шиповиќ, инаку претседател на Советот на општина Центар, и претседател на Управниот Одбор на „Машинопромет“ во интервјуто за НОВА потврди дека приведен е и неговиот брат, Ненад Шиповиќ, за што Мирослав изрази сомнеж дека тоа е последица поради неговата функција како претседател на „СИКОМ“, фирма која има акции во „Машинопромет“.
>> Шиповиќ за НОВА: Не бегам, се враќам за пет дена
Утрово Јавното обвинителство до Основниот суд Скопје 1 поднело барање за спроведување истрага, за кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување против 12 лица, со предлог за определување мерка притвор.
Според соопштението на Основен суд Скопје 1, кривична пријава има поднесено против М.Ш, претседател на управниот одбор на АД „Машинопромет“ и против Т.Т, С.М , В.Д и В.В, членови на Управниот одбор на „Машинопромет“.
Сомнеж за злоупотреба на службена положба и овластување има и против Е.Ј.Д, С.П. И М.К., вработени во Управата за јавни приходи. Пред истражен судија се и четворица сопственици на фирми од Скопје и од Штип и тоа С.Г, содружник и управител во друштвото „Ин – Ком“ ДОО од Штип и содружник во друштвото „Интеркомерц“ ДОО од Штип, С.Г, управител на „Интеркомерц“, С.К, поранешен управител во друштвото „Би метали“ ДОО од Штип и против Н.Ш, сопственик и управител во друштвото „СИКОМ Ненад Дооел“ од Скопје
Претседателот на Советот на општина Центар смета дека се работи за политичка пресметка, бидејќи според него, „Машинопромет“ како последица на претходните газди, од 2010 година на УЈП им плаќа два пати повеќе поради враќање на стари долгови.
Тој потврди дека преку макотрпни судски постапки, фирмата „Машинопромет“ успеала на државата да и врати акции во вредност од преку 500 000 евра.
Неговата партија, СДСМ, вчера изрази сомневање дека се работи за хајка и за опструирање на работата на Советот на Центар, а „бегството“ на Шиповиќ е опишано како такво иако и советниците на ДПМНЕ знаеле дека тој е во САД поради операција на коленото на неогвиот син.




