Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР на РМ на вчера реализираше случај на примање поткуп, за што се осомничени лицата Ј.Н (45) од Скопје, вработен како доктор на Универзитетска клиника за уво, нос и грло во Скопје, и Н.П (29) од Скопје со статус доктор специјализант на истоимената клиника.
Имено, на почетокот на овој месец од страна на осомничените на пациентка од Скопје и се побарани парични средства во износ од 450 евра за да се извршат две хируршки интервенции и тоа функционална операција на носната преграда и естетска операција на нос, а кои средства требало да ги предаде пред да бидат извршени хируршките интервенции.
По пријава на случајот во МВР на РМ и дадените насоки од надлежен Јавен обвинител, од страна на Секторот за корупција се преземени мерки и активности за документирање на истиот, при што побараните парични средства (поткупот) од пациентката се претходно технички обработени.
Бараните парични средства во два наврати во текот на декември од страна на пациентката и се дадени на специјализантката Н.П, а биле наменети за д-р Ј.Н кој требало да ги изврши хируршките интервенции.
Врз основа на предходно обезбедени Наредби од судијата на претходна постапка, извршени се лични претреси, претрес на дом и претрес на службени простории на осомничените. При извршен личен претрес на лицето Н.П пронајдени се девет банкноти во апоени од по 50 евра, кои пари претходно биле технички обработени и дадени од страна на пациентката, додека кај лицето Ј.Н, при претрес на неговиот дом и службените простории пронајдени се одредени писмени прибелешки со лица и телефони, список на закажани операции и фотографии кои би можеле да бидат од интерес за кривичната постапка.
Осомничените се приведени во полициската станица Карпош и по целосно расчистување на случајот, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Јавното обвинителство Скопје ќе поднесе кривична пријава против лицата Ј.Н и Н.П поради постоење на основано сомнение дека извршиле кривично дело – “примање поткуп“ по чл.357 од КЗ на РМ.




