Ексалираше протестот на стечајците. Откако масата го проби полицискиот кордон пред зградата на Владата неколкумина од нив беа соборени на земја, а потоа внесени во едно полициско комбе.
Според информациите на НОВА од терен меѓу нив е и лидерот на стечајците Лилјана Георгиевска, која и покрај тоа што барала од полицијата да ја пуштат за да ги смири стечајците, тие ја ставиле во полициското возило.
По инсистирање на Уранија Пировска, од Хелсиншкиот комитет, Георгиевска беше пуштена, по што таа им се обрати на стечајците.
Портпаролот на СВР Скопје Лиза Бендевска, за НОВА изјави дека не станува збор за никакво приведување.
Под силно полициско обезбедување, пораките на стечајците денеска не стигнаа директно до лидерот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Живко Митревски.
И покрај нивните барања, Митревски не се појави пред народот. Лидерката на стечајците пак, Лилјана Георгиевска, неколку пати влезе во конфликт со полицијата борејќи се директно да стапи во контакт и да му ги укаже барањата на Митревски, но оттаму излегоа само со соопштение.
-Сојузот на синдикатите на Македонија во рамките на своите прогрмаски цели и определби во континуитет од постоењето на проблемот на стечајните работници, настојувал истиот да биде решен на начин што ќе се обезбеди заштитита на оваа категорија на работници.
Напоменуваме дека ССМ во еден историски континуитет секогаш бил активно вклучен во решавањето на проблемот на статусот на овие работници со давање на конкретни предлози и забелешки во поглед на законската регулатива, се вели во соопштението на ССМ по однос на протестот на стечајните работници.
Во име на работниците кои протестираа денеска, Георгиевска побара од Владата да не си поигрува со стечајците, зашто ќе ја снајде не Босна, не Украина, туку нешто полошо.
На денешниот протест на стечајците и работниците кои се технолошки вишок во Македонија, поддршка дадоа и Движењето за социјална правда Ленка и Левичарското движење Солидарност.




