Во Грција денеска нема да бидат печатени весниците, бидејќи новинарите во земјата стапија во 24-часовен штрајк во знак на протест поради Предлог- законот кој ќе влијае врз начинот на кој функционираат медиумите.
Новинарските синдикати го осудуваат ваквиот потег на Владата која се обидува да им служи на интересите на медиумските магнати преку амандман, кој во петокот вечерта беше доставен до Парламентот.
Тие тврдат дека законот ќе доведе до „спојување и масовни отпуштања во овој сектор“.
– Амандманот им овозможува на медиумските групи да се спојат, со изговор за намалување на трошоците, но всушност на задолжените бизнисмени им обезбедува сигурна патека, соопштија синдикатите и повикаа амандманот да се промени.
Според законот, вработените во иста група компании се третираат како да се од иста фирма и на тој начин им се овозможува на медиумските групи да ги заобиколат ограничувањата за отпуштања.
Амандманот, исто така им овозможува на радио станиците да ги променат нивните формати (на пример од вести во музика) со пријава во Националниот совет за радио и телевизија, наместо да ја вратат концесијата на државата и повторно да конкурираат за фреквенција.
Тој, исто така им овозможува на радиодифузерите и издавачите да го задржат данокот кој го плаќаат сите што се рекламираат во нивните медиуми и кој оди за плаќање придонеси за социјално осигурување на вработените.
Синдикатите сметаат дека овој закон ќе доведе до масовни отпуштања од работа во медиумите.
Измените вчера беа прифатени од партиите во владината коалиција – Нова демократија и ПАСОК, а на гласањето не присуствуваат двете опозициски партии – СИРИЗА и Комунистичката партија, кои не се согласуваат со предложените измени во Законот за медиуми и побараа негово повлекување.