По одлуката на Уставниот суд да овозможи аболиција за изборниот криминал, а со тоа и ослободување од одговорност на функционерите на ВМРО ДПМНЕ и на ДУИ, за кои Специјалното обвинителство веќе започна истраги, денеска одново граѓаните ќе протестираат пред зградата на судот.
„Реквизити што треба да ги донесиме за денешниот протест да биде уште погласен и поенергичен од вчерашниот: тенџериња, лажици, тави, тавчиња, свирчиња, тапани, други разни тракатанци и секако, нашиот глас и нашето достоинство.
Уставниот суд застана во одбрана на криминалците од власта кои местеле избори. Во рекордно брзо време ја разгледа и ја прифати иницијативата за преиспитување на уставноста на измените на Законот за помилување, поточно за забраната Претседателот на државата да помилува лица осудени за изборни нерегуларности.
Со ова, ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш покажа дека за нив правниот систем е само алатка која им служи за заштита од правдата, а не за нејзино спроведување. Во Македонија мора да се врати правдата, почитувањето на законите и пред сѐ, почитувањето на Уставот, стои во повикот на граѓанската платформа „Ајде“ .
Уставниот суд вчера со пет гласа „за“ и четири „против“ донесе одлука за да се поведе постапка за оценување на измените во законот за помилување.
Според таквите измени, претседателот би имал зголемени ингиренции и ќе може да помилува затвореници кои се осудени за изборен криминал, кривични дела против полова слобода и морал и недозволено производство и пуштање во промет на дрога.
Подносител на иницијативата коај експресно беше прифатена од Уставен суд, е Ристо Китевски – млад адвокат од Охрид кој е соработник во канцеларијата на Љубчо Наумовски, еден од адвкатите на Јанкулоска и Темелко – осомничени за злосторничко здружување и изборен фалсификат во случајот „Титаник“.




