И покрај најавите дека во 2022 треба да започне примената на Законот за работни односи, според кој породилното отсуство ќе трае повеќе од девет месеци, засега нема поконкретни информации кога истиот би претрпел одделни измени, односно новини и во делот на породилното отсуство.

Министерството за труд и социјална политика во ноември минатата година во изјава за Нова ТВ потврди дека новиот Предлог Закон за работни односи е подготвен и дека наскоро се очеува да биде отворена широка Јавна расправа на која сите засегнати страни во општеството ќе имаат можност да ги изложат своите ставови, идеи и можни решенија.

Неколку месеци подоцна од ресорното министерство велат дека до измени на самиот Закон, остануваат во примена постојните законски решенија.

-Новиот Закон за работни односи предвидува одделни измени, односно новини и во делот на породилното отсуство. На ова законско решение Министерството за труд и социјална политика заедно со социјалните партнери и засегнати страни во општеството сеуште работи и истото не е влезено во владина процедура.  За поконкретни решенија би можеле да Ве информираме кога текстот на предложените законски решенија ќе бидат целосно усогласени и истите ќе бидат споделени со пошироката јавност. До измени на Законот, остануваат во примена постојните законски решенија, велат од министерството.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија како главни иницијатори велат дека ССМ веќе 3 години активно учествува во преговорите за донесување на нов Закон за работните односи во кои ќе бидат имплементирани европските и меѓународните трудови стандарди.

-Меѓу првите предлози кои ССМ ги достави до социјалните партнери во оваа постапка за донесување на нов ЗРО, беше предлогот за зголемување на  правото на платено отсуство од работа  од 9 месеци на 12 месеци за раѓање на едно дете и 18 месеци за раѓање на повеќе деца одеднаш. Со оглед на тоа што преговорите за новиот ЗРО траат предолго, ССМ се заложи за уредување на поповолни права за работниците  по пат на побрзи измени на постојниот ЗРО во рамките на кои ќе биде опфатено и нашето барање за зголемување на породилното отсуство што е од особено значење за грижата за децата во првите години од животот, велат од ССМ.

Од таму додаваат дека правата по основ на раѓање, мајчинство, татковство и родителство се особено значајни заради стабилност и грижа за   семејството, затоа што обезбедувањето на  баланс помеѓу работата и семејството ќе придонесе   за поголема посветеност и продуктивност на работниците во текот на работењето во компаниите.

-До службата за бесплатна правна помош на ССМ се евидентирани обраќања од работнички на кои  спротивно на закон им се прекинати договорите за вработување иако биле бремени, потоа работнички кои биле на работа со договори на определено време и истите не им се продолжени поради нивната бременост иако реално  имало  потреба од нивната работа. Во дел обраќања работничките укажуваат дека биле условувани да го прекинат породилното боледување и порано да се вратат на работа , дел работнички добиле несоодветно распоредување по враќањето од породилното отсуство., додаваат од ССМ.

Службите на ССМ ги насочуваат работничките да ги пријават прекршените работнички права до ДИТ или да водат судски постапки за заштита на своите права.

-При тоа значајно е да се одбележи дека ваквите  злоупотреби на правата по основ на раѓање, мајчинство и родителство се поизразени кога станува збор за работници кои не се синдикално организирани . Во практиката постојано се потврдува  ставот дека синдикално неорганизираните работници се многу поранливи кога станува збор за остварување, заштита и унапредување на работничките права .

Од тие причини ССМ постојано работи на планот на подигање на јавната свест за улогата и значењето на синдикалното организирање како единствен начин за активно учество и делување на синдикалните прествавници во креирање на законите , националните стратегии и политики од социо-економската област. Во оваа насока ССМ апелира до работниците да ни се приклучат затоа што заедно сме посилни, додаваат од сојузот на синдикати.

Инаку претходната министерка за труд и социјална политика Јагода Шахпаска во април минатата годинава најави дека е можно мајките да користат породилното отсуство од 12 месеци, наместо како сега 9 месеци, а татковците ќе имаат можност да користат 10 денови отсуство за раѓање на детето.

Според неа, регулирањето на породилното отсуство е дел од новиот системски закон за работни односи, кој во оптимистичка варијанта во првична драфт верзија требаше да биде готов во јуни.

-Ја правиме анализата на финансиска импликација, работната група работи и јас мислам дека првата драфт верзија усогласена со социјалните партнери би била готова до јуни, по што ќе има сериозна општествена дебата за да постигнеме најдобар законски текст кој ќе одговори на потребите на работниците и работодавачите, но и ние како Влада да може да ги исполниме одредбите, изјави тогаш Шехпаска.

(И.Р)