Според Федерацијата на американски научници (FAS), на почетокот на 2025 година, деветте нуклеарни сили поседувале 12.241 нуклеарна боева глава, од кои околу 9.614 оперативно распоредени. Русија има 5.580 боеви глави, од кои 1.700 се стратешки распоредени. САД имаат 5.225 боеви глави, од кои 4.125 распоредени. Заедно, САД и Русија контролираат околу 87–90 проценти од сите нуклеарни боеви глави.
Во време на сериозни геополитички потреси, војни и редефинирање на глобалниот безбедносен поредок, прашањето за позицијата на малите држави станува сè поважно. За посетата на генералниот секретар на НАТО во Македонија, за новите безбедносни предизвици во светот и за стратешкото позиционирање на државата во новата геополитичка реалност порталот Инбокс 7 разговара со проф. д-р Трајан Гоцевски.
Гоцевски е првиот министер за одбрана на независна Македонија и еден од клучните луѓе во воспоставувањето на одбранбениот систем на државата по осамостојувањето. Тој е универзитетски професор, долгогодишен аналитичар и експерт за геополитика, меѓународна безбедност и стратегиски студии, со богато научно и политичко искуство во областа на одбраната и безбедноста. Неговите анализи за глобалните процеси, НАТО, регионалната стабилност и новиот светски поредок често се дел од јавните и академските дебати во Македонија и регионот.
Инбокс7: Професоре Гоцевски, заврши посетата на генералниот секретар на НАТО, Руте. Според вас, колку е значајна оваа посета и која е пораката кон Македонија во овие немирни времиња?
Т. Гоцевски: Како што рековте, оваа посета се реализира во едно време на невидена динамика на меѓународната сцена, која не може да ја одмине и нашата држава, па затоа оваа посета е многу значајна и со посебна тежина за стабилноста и безбедноста на нашата држава, на регионот на Југоисточна Европа и на југоисточното крило на НАТО, каде што сме и ние.
Накратко, генералниот секретар на средбите со државното раководство, но и при обраќањето во Собранието, ја реафирмираше Северна Македонија како клучен безбедносен партнер во регионот, го повтори повикот за зголемени одбранбени инвестиции и испрати јасни сигнали за вредноста на членството на нашата земја во НАТО. Тој исто така поентира за нашата иднина и за стабилноста на Западен Балкан во контекст на глобалните геополитички кризи. Посетата ја означува перцепцијата на Северна Македонија во рамките на Алијансата, каде наместо само корисник на безбедносни гаранции, државата сега се третира како активен „извозник на безбедност“. Руте го поздрави континуираното учество на македонските сили во мисиите на НАТО, вклучително и во Источното крило на НАТО, и стави до знаење дека безбедноста на Западен Балкан останува врвен приоритет на НАТО. Алијансата нема да дозволи безбедносен вакуум во регионот. Стабилноста на земјата е директно поврзана со колективната одбрана, што е особено важно во услови на зголемени хибридни закани и регионални тензии, како и за тоа кон каде треба да гледа Македонија во однос на овие закани.
На глобален план, Руте упати остра реторика кон оската на држави кои го предизвикуваат и нарушуваат меѓународниот поредок, стабилноста и мирот. Директно ги посочи Русија, Кина, Северна Кореја и Иран како извори на нестабилност, нагласувајќи го Иран како „извозник на хаос“. Нуклеарните амбиции на Иран се директна закана за Европа, при што Руте ја оправда потребата од неутрализирање на иранските нуклеарни и ракетни капацитети.
Инбокс7: Што се случува во моментот на глобален план денес?
Т. Гоцевски: Новонастанатата глобална, геополитичка и воено-стратегиска положба во светот денеска сериозно го доведе во ќорсокак постојниот светски безбедносен поредок. На Минхенската конференција експлицитно водечките авторитети од САД, НАТО и ЕУ констатираа дека стариот меѓународен поредок повеќе не постои. Затоа креирањето на нов светски поредок се наметнува како императив на новото време. Процесите особено добиваат на динамика по новиот приод во меѓународните односи на администрацијата на САД, руската агресија во Украина, која влезе во петтата година, војните на Блискиот Исток, сега војната на САД и Израел со Иран. Исто така влијание имаа и судирите помеѓу Пакистан и Авганистан, бегалската криза, која пак ќе ескалира, процесите на деглобализација и, се разбира, настојувањата на САД и ЕУ да се држат на страна од тие процеси. Затоа стратешкиот компас, кој треба да ги утврди коридорите по кои во иднина треба да се движи светот, започна да работи под полна пареа.
Се бара брз и јасен одговор од сите држави и сојузи без исклучок. Процесите се одвиваат со различна динамика и голема неизвесност. Денеска сосема е јасно дека нема брзо и еднострано решение за овие глобални, регионални и, пред сè, сложени и опасни процеси по мирот. Процесите се усложнуваат со појавата на некакви контури на новиот светски поредок. Глобалната динамика, по тоа прашање, се менува на дневна основа. Глобалната и регионалните рамнотежи на силите одново се раздвижуваат и разнишуваат. Едноставно, светот се менува и се воспоставуваат нови равенки во географијата, геополитиката, глобализацијата, регионализацијата и групирањето или прегрупирањето на силите на меѓународната сцена.
Инбокс7: Што треба да реши новата глобална геополитичка динамика?
Т. Гоцевски: Според моите анализи, има најмалку 10 точки кои треба да најдат решенија на глобален план:
- Каков меѓународен поредок ни е потребен – униполарен, биполарен, мултиполарен – и како до него? Преовладува ставот за мултиполарен, а сè уште не е на повидок како да се дојде до него.
- Врз каква идеолошка матрица да се обликува светот: либерално-демократски, авторитарен или мешовит систем. Одговор нема, се водат жестоки дебати помеѓу суверенистите, конзервативистите и демократските сили.
- Како да се гради или разгради геоекономскиот систем: либерален, глобален, регионален или комбиниран?
- Како да се канализира големата преселба на народите или бегалската криза, која зафаќа близу 400 милиони луѓе, со потенцијал бројката да се зголемува.
- Атомското оружје и позициите на нуклеарните сили во новиот безбедносен поредок.
- Космосот и неговото користење.
- Климатските промени.
- Примената на вештачката интелигенција.
- Како и која меѓународна институција ќе ги решава војните и конфликтите во светот во иднина.
- Глобалната енергетска стратегија и користењето на ретките минерали.
Инбокс7: Ги спомнавте нуклеарните сили и поседувањето и користењето на космосот како старо-нов предизвик за новиот глобален ред и поредок?
Т. Гоцевски: Според Федерацијата на американски научници (FAS), на почетокот на 2025 година, деветте нуклеарни сили поседувале 12.241 нуклеарна боева глава, од кои околу 9.614 оперативно распоредени. Русија има 5.580 боеви глави, од кои 1.700 се стратешки распоредени. САД имаат 5.225 боеви глави, од кои 4.125 распоредени. Заедно, САД и Русија контролираат околу 87–90 проценти од сите нуклеарни боеви глави. Кина се проценува на 500–600 боеви глави. Франција одржува 290 боеви глави. Велика Британија има 225. Индија има 172, Пакистан има 170 боеви глави. Израел има 90 боеви глави, а Северна Кореја околу 50.
Клубот на нуклеарни сили ќе сака посебно да биде евалуиран во процесите на воспоставување на новиот безбедносен поредок. Без сомневање, РФ, САД и Кина се фаворити во секој поглед. Но никој нема да пропушти да ја валоризира таа своја моќ. Космосот и неговото користење исто така станува посебен мегдан за ривалство.
Во тој клуб САД стандардно напредуваат, РФ настојува да си ја одржи позицијата, Кина со светлосна брзина излегува во космосот по сите основи, ЕУ прави напори, ама несигурни и бавни. Соодветни обиди прават и други развиени држави како: Јапонија, Германија, Франција, Индија, Пакистан и др.
Инбокс7: Што на тој план ни донесе Минхенската безбедносна конференција (МБК)?
Т. Гоцевски: Мислам дека оваа престижна платформа за дебати за иднината на светскиот безбедносен поредок на оваа конференција даде дијагноза за состојбите, општи насоки за идните чекори и поединечни ставови на главните актери на светската сцена. МБК по 62 пат остана најпрепознатлива платформа за: формулирање и размена на стратегии за светската безбедност, евроатлантските односи, европската одбрана, нуклеарните сили на ЕУ, иднината на трансатлантските односи, мултилатерализмот, регионалните конфликти и влијанието на технолошките иновации врз безбедноста, миграциите и климатските промени.
Општи ставови се дека постоечкиот светски поредок е уништен. Европа влегува во нова безбедносна ера. Европа мора силно да се придружи кон новиот светски поредок. Германија и Европа мора да се преориентираат. САД и ЕУ треба да останат сојузници. Европа е дел од безбедносната стратегија на САД. САД не се откажуваат од своите интереси во Европа. Ни треба натамошна помош за војната во Украина. Европа треба да биде суверена, индустријализирана и со зголемени воени капацитети, и сл.
Најупотребувани фрази на конференцијата беа: длабок јаз меѓу Европа и САД. Не веруваме во царини и протекционизам, туку во слободна трговија. Гренланд создава нови геополитички тензии. Европа размислува за сопствена нуклеарна безбедност. Европа мора да стане геополитичка сила. Ново поглавје во глобалната политика.
Инбокс7: Какво треба да биде стратешкото позиционирање на Македонија во новонастанатите односи на глобален, па и на регионален план?
Т. Гоцевски: Денеска живееме во време на геополитичка сцена во која досегашните колективни системи се распаѓаат, редизајнираат или прегрупираат во нови. Едновремено, безбедносните закани и ризици стануваат сè поголеми, се видоизменуваат и добиваат нова динамика – најчесто негативна. На помалите држави, како Македонија, останува да ги зајакнуваат своите одбранбени и безбедносни капацитети, да бидат лојални на стратешките партнери и на сојузите во кои членуваат.
Според моето убедување, во иднина Македонија ќе биде толку постабилна и толку побезбедна колку што ќе успее да креира општество кое постојано ќе биде отпорно кон новите безбедносни ризици и закани, да гради и развива капацитети на сопствениот систем за национална безбедност и одбрана во согласност со националните проценки, потреби и планови, да гради постојани визии за идниот развој на Армијата и системот за национална безбедност како целина, поуспешно да се вклопува во политиките на сојузите во кои е вклучена и да ги почитува стратешките договори со нашите пријателски држави и сојузи како наши стратешки партнери.
Текстот е сопственост на Инбокс.мк




