Откако Студентскиот пленум ја алармираше јавноста околу истечениот мандат на Претседателот на СПУКМ Кирил Спировски и нелегалниот статус на претставниците на студентите коишто ќе гласаат за избор на ректор на УКИМ, истите тие нелегални претставници продолжуваат со обидите за фалсификување на студентската волја, реагира Професорскиот пленум.

Оттаму најостро го осудуваат обидот на нелегалното раководство на СПУКМ да организира избор за претседател во експресен рок и по завршувањето на академската година, т.е. во време кога најголем број студенти се отсутни и не се во можност ниту да се кандидираат, ниту да гласаат.

„Со ова се прекршуваат одредбите од Правилникот за избори на СПУКМ и им се одзема правото на студентите на УКИМ да бираат и да бидат бирани, што претставува класичен акт на насилство на една мала група којашто го држи во заложништво целокупното студентското организирање.

Професорскиот пленум ги потсетува Ректорот на УКИМ, Ректорската управа и сенаторите на УКИМ дека фалсификувањето на изборот на студентски претставници во органите и телата на УКИМ не е само проблем на студентите, како што тврди ректорот Стојковски, туку дека директно влијае на целокупното работење на универзитетот како и на законитоста на претстојниот избор за ректор.

Оттаму, Професорскиот пленум ги поддржува напорите на Студентскиот пленум да се спротивстават на уште еден обид за злоупотреба на студентското организирање и ги повикува сите членови на академската заедница коишто одлучуваат во органите и телата на УКИМ да побараат стопирање на постапката за избор на ректор сè додека не се одржат законски, фер и транспарентни избори за претседател на Студентскиот парламент, со што ќе се обезбедат услови за законска и фер постапка за избор на ректор.“ велат од Пленумот.

Истовремено, од Професорскиот пленум велат дека очекуваат од кандидатите за ректор на УКИМ да го одржат јавно дадениот збор дека ќе се откажат од учество во незаконска и нелегитимна постапка за избор на ректор и бара да преземат конкретни чекори во насока на заштита на законитоста на постапката.

Жестока студентска расправа: Пленумот бара прекин на изборите на СПУКМ