Претседателката на Косово, Вјоса Османи го прогласи денешниот ден, 17 април, за ден на жалост во спомен на убиените жени и девојки во Косово како последица на родово засновано насилство.
Според синоќешното соопштение од кабинетот на Османи, општеството треба да биде во жалост секој ден се додека има убиства на жени.
– Утре ќе биде национален ден на жалост во Косово, но нашето општество ќе биде во жалост секој ден се додека има убиства на наши жени и девојки, се наведува во соопштението.
Една жена е убиена вчера во градот Пеќ, а осомничен за убиството е нејзиниот сопруг, кој, како што е соопштено, ја застрелал со пиштол.
Во петокот (12 април) 21-годишна жена беше убиена во Урошевац во Центарот за социјална работа од страна на поранешниот сопруг. Притоа беше ранет и 15-годишниот брат на жртвата.