Попладнево околу 18 часот во водите на акумулацијата „Турија“ кај Струмица е пронајден човечки труп во резервоар за гориво од товарно моторно возило.
Веста за МИА ја потврди портпаролката на СВР Струмица, Хризантема Рендевска, која инфомираше дека трупот по наредба на јавен обвинител е предаден на судска медицина за да се изврши обдукција и идентификација.
Рендевска додаде дека на местото на настанот полициски службеници од СВР Струмица и јавен обвинител продолжуваат со преземање други истражни дејства за целосно документирање и расчистување на случајот.
Ова е втор случај во последните месец и половина на истата брана се пронајдени две тела, едното во метално буре, ова сега во резорвоар за гориво.
На 21 јуни во браната „Турија“ беше пронајден труп за кој по извршената обдукција од страна на Судска медицина се покажа дека е на 57-годишниот Ристо Илјашев од Струмица, кој исчезна на 7 мај.
За убиството беше осомничен М.В. кој кривичното дело го извршил на начин што го искористил долгогодишното познатство со Иљашев и на подмолен начин го лишил од живот, при што трагите од извршениот грозоморен чин се обидел да ги сокрие така што телото на жртвата го ставил во метално буре и го потопил во вештачкото езеро „Турија“ во Струмица.




