„Здравство и социјала како милостина“ е фељтон на новинарката Менче Атанасова Точи кој НОВА, го објавува во продолженија, а е дел од публикација „Македонија од Букурешт до Преспа – Сведоштва на едно време: Македонија 2008-2018“ во издание на ФООМ. Тоа се сведоштва кои говорат за едно време-невреме кое во колективната меморија ќе остане запаметено како темно, кога Европа нѐ етикетираше како „заробена држава“ , a ќе го паметиме како „загубено време“
Пишува: Менче Атанасова Точи
Позначајни проекти и случувања кои го одбележаа овој период
Позитивната листа на лекови не се промени цела деценија. Тоа доведе до состојба во која граѓаните се лекуваат со застарени лекови на рецепт, а сè друго сами си купуваат, односно е комерцијализирано. Лекарите не можат во целост да применуваат медицина базирана на докази бидејќи не може секој пациент да си дозволи да купува лекови. `
Во 2011 година настапи ерата на паралелен увоз на лекови, и тоа под превезот дека поевтинуваат лековите. Всушност, со ова се богатеа одредени веледрогерии, а на тендери добиваа лекови за чија сигурност не гарантираа ниту странските производители, бидејќи доаѓаа од други земји, без сертификат од производителите и никој не знаеше како биле чувани и транспортирани. За случајот со фалсификуваните лекови ОЈО води истрага, а по допрен глас преку медиумите истрага беше отворена и за паралелниот увоз на лекови. `
Партизацијата длабоко навлезе во здравството. Се поставуваа партиски директори, а и сите нови вработувања на лекари и на друг медицински персонал беа исклучиво по партиска линија. Тоа доведе до паѓање на квалитетот, до лекарски грешки, нетрпеливост меѓу лекарите, незаинтересираност кон пациентите. Овој тренд продолжува. `
Долго време беа стопирани државните специјализации, а беа укинати и специјализациите по педијатрија. Во државата сега речиси и нема педијатри, кај матичните лекари во ист ходник чекаат здрави и болни деца, новороденчиња и стари лица. Недостасуваат анестезиолози и специјалисти од многу други важни гранки во медицината. `
Државата со години беше на врвот на листата во ЕУ по смртност на новороденчиња. На гинеколошките одделенија умираа родилки од искрвавување или од сепса. Ситуацијата почна да се стабилизира, но е далеку од добра. `
Замре трансплантацијата на бубрези, особено од кадаверични (починати) донатори. Катастрофално лошото менаџирање на Националниот координатор за трансплантација и популистичките потези, празните ветувања, уште повеќе ги одвраќаа луѓето да им ги донираат органите на своите најблиски додека нивните животи се гаснеа. `
Лекарите започнаа да си заминуваат од јавното здравство, а најголемиот одлив се случи во 2010 година кога започнаа да никнуваат приватни болници. Незадоволството, лошите услови за работа, малите плати, неможноста за просперитет беа причина многу од нив да заминат во странство. `
Власта смисли проект и преку „увоз“ на лекари од странство кои доаѓаа на една до две недели се обиде да ја ублажи состојбата. Овие лекари доаѓаа бесплатно, а за возврат ја пропагираа својата „религија“. Нема анализа за успешноста на овој проект, но евидентирани беа неколку грешки кај пациенти оперирани од странски доктори, а некои тоа го платија и со живот. `
Еден од поголемите проекти, на кој беа потрошени големи финансиски средства, се камерите за видеонадзор кои требаше да снимаат во ординациите. Поради незаконското следење, Дирекцијата за заштита на личните податоци наложи камерите да се тргнат. `
Набавката на дефибрилатори во сите јавни и приватни институции, хотели, министерства е неуспешен проект за кој се „фрлија“ многу пари. Тие не се употребуваат бидејќи нема обучен кадар за ракување со дефибрилатор. `
Нема ништо ниту од правните советници кои требаше да ги има на секоја клиника. Исто така и пултовите за информации и упатување на пациентите во многу болници стојат празни. `
Големиот тендер за медицинска опрема, тежок 120 милиони евра, беше неколкукратно преплатен. Некаде ги донесе неопходните апарати, но поради непланската набавка многу апарати останаа неотпакувани и по подрумите, со помината гаранцијата, а за некои нема обучен кадар. `
Изградбата на некои болници се развлече цела деценија, дел од нив сè уште не се завршени. Изградбата и реконструкцијата е под палка на Проектната единица во склоп на Министерството за здравство, а со средства од заеми од Банката на Советот на Европа. `
Новиот пакет на здравствени услуги, најавуван дека ќе се дефинира согласно со потребите на населението и расположливите финансиски средства, никогаш не ја виде светлината на денот.
Хаосот во јавното здравство достигна кулминација во последните години од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Болниците потонаа во долгови, константно немаше лекови, чаршави, пижами за болните.
Беа вложени големи финансиски средства во изградба на неколку објекти, кои не ги дадоа најавените резултати, меѓу нив следниве:
Пропадна планот за новиот Клинички центар кој тогашната власт го најави дека ќе стартува во 2014 година како грандиозен проект на просторот на старата Клиника за гинекологија. За него беше склучен договор за заем од 70 милиони евра од Банката на Советот на Европа; за главниот проект беа дадени од 1,5 милиони евра, а планот пропадна. `
Започна проектот „Мој термин“ кој, иако беше замислен да воведе ред при прегледите, на почетокот направи голем хаос и ги збуни лекарите и целиот медицински персонал.
Се отвори и ПЕТ-центарот, Центарот за позитронска емисиона томографија, најавен како голем проект од страна на тогашната власт, кој беше промовиран дека ќе привлече пациенти од целиот регион. ПЕТ-центарот сега не е во можност да работи со полн капацитет, нема кадар, поминат е гарантниот рок на опремата, а нема можност ниту да се одржува објектот. `
По 20 години натегања и различни најави набрзина беше отворена државната кардиохирургија во Клиниката за кардиологија. Сè уште нема детали дали функционира со полн капацитет, колкав е процентот на извршени операции, дали се изведуваат сложени кардиохируршки зафати.
Изградбата на болницата во Охрид се развлече со години, а за наводните незаконски тендери се обвинети неколку лица од Министерството за здравство, заедно со еден од тогашните министри на ДУИ, за што СЈО води истрага. `
Промените во социјалата најмногу беа од промотивна природа, а дел во законските измени. Најзабележителен е проектот „Трето дете“, кој со промената на власта се укина бидејќи, како што рече новата власт „стимулацијата“ не ги дала очекуваните резултати.
Кои беа „творците“на реформите во здравството
Дека проектите и реформите во здравството беа талкање без план и визија најдобро се опишува од Здружението на лекари од примарното здравство од Куманово во еден допис до Лекарската комора од 2009 година.
Лекарите, меѓу другото, велат: „Нашите реформи во здравството личат на патот на морепловецот Христофер Колумбо. Тој, кога тргнал не знаел каде оди, кога стигнал не знаел каде стигнал, кога се вратил не знаел каде бил. Здравството е еден од носечките столбови на секое современо општество. Секоја современа држава има национална Стратегија за здравство, а ние зависиме од дневно-политичките односи и настани. Во ваква ситуација не знаеме што нè чека утре.“ Така пишуваа лекарите од Куманово во далечната 2009 година.
И навистина работите се случуваа на дневно ниво, а националната стратегија не се почитуваше. Се носеа одлуки кои не беа од интерес на граѓаните, тоа беа проекти кои не го зајакнаа здравствениот систем. Граѓаните и вработените во здравствениот сектор се изморија од сето тоа. Стравот се вгнезди дури и кај еминентните лекари. Во годините што следуваа, особено во последните неколку пред паѓањето на власта, беше потполн мрак.
За да знаеме кој ги носел најважните одлуки, да се потсетиме кои беа министри за здравство во овој временски период.

Во јули 2008 година од министерскиот кабинет си замина Имер Селмани, кој на оваа позиција дојде како пратеник на ДПА. Како прв човек во здравството, лекарот и бизнисмен Селмани ќе остане запаметен по трансформацијата, односно растурањето на Клиничкиот центар на 31 посебна клиника. Одлуката да се расформира Клиничкиот центар беше на ВМРО-ДПМНЕ, а тој како министер не се спротивстави и го стави својот потпис. Затоа, и покрај неговата харизматичност, тој не ги доби симпатиите на вработените во Клиничкиот центар. Во неговиот период е и одлуката со секоја клиника да управуваат по двајца директори, еден стручен и втор економски, проект кој доживеа фијаско.

Негов наследник е младиот и надежен абдоминален хирург Бујар Османи од ДУИ, кој на оваа функција дојде со само 29 години. Тоа што им е заедничко на овие двајца министри е набавката на камери за видеонадзор во болниците, каде што требаше да се снима 24 часа. Проектот кој го започна Селмани, а го реализира Османи заврши неславно, а за камерите беа потрошени еден милион евра.
Бујар Османи на позицијата министер за здравство беше од јули 2008 до 2011 година, кога функцијата му ја предаде на Никола Тодоров, правник по професија, од тогашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ, кој претходно раководеше со образованието. Никола Тодоров ќе остане запаметен поради катастрофалната политика во здравството и пустошот што го остави зад себе, за што граѓаните го нарекуваа „министер за смрт“.

Случувањата, поважните настани и проекти кои се одвиваа за време на министерувањето на Османи и на Тодоров се поместени понатаму во содржината.
Продолжува: Проектот „Електронска здравствена картичка“(СЕЗК)









