Прославата на Денот на Републиката – Илинден, ќе се одржи под мотото „Наша Македонија“, соопштија од Владата на РМ. Прослава ќе има на неколку локации: Скопје, Крушево, Пелинце и Смилево.
„Темата на Денот на Републиката е ,Наша Македонија – без разлика на вера, етничка припадност, пол и убедувања. Бидејќи од дедо – прадедо си живееме како браќа и сестри на оваа земја! За право, за слобода и за човечки живот’, која е инспирирана од Крушевскиот манифест“, велат од Владата.
Претседателот Ѓорге Иванов ќе се обрати на Мечкин Камен, а претседателот на Собранието, Талат Џафери, ќе одбележува во Скопје.
Свеченостите во Скопје започнуваат во 10 часот пред спомениците на АСНОМ и на Никола Карев каде цвеќе ќе положат Џафери и владина делегација составена од министрите за труд и социјална политика, за финансии и за дијаспора, Мила Царовска, Драган Тевдовски и Едмонд Адеми.
Истата делегација во 10: 30 часот ќе се поклони и ќе положи свежо цвеќе пред споменикот на првиот Претседател на Президиумот на АСНОМ, Методиј Андонов Ченто. Во 10:45 свое обраќање ќе има претседателот на Собранието Талат Џафери.
Одбележувањето во Пелинце ќе почне во 11 часот, кога свежо цвеќе ќе положи владината делегација предводена од премиерот Заев, а во чиј состав ќе биде вицепремиерот и министер за надворешни работи, Оливер Спасовски, како и министрите за надворешни работи, за правда и за култура, Никола Димитров, Рената Десковска и Асаф Адеми.
Во 11:30 часот е предвидено обраќање на премиерот Зоран Заев. На централното одбележување ќе настапи хорот Вардар, а ансамблот Танец ќе изведе неколку традиционални македонски ора, а културно уметничко друштво Емин Дураку ќе изведе сплет од албански песни и ора.
Премиерот Зоран Заев ќе го прославува Илинден и во Благоевград, Бугарија. Тој знаедно со премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов ќе ја одбележат 115 – годишнината од Илинденското востание. Двајцата премиери ќе учествуваат на церемонијата на положување венци и свежо цвеќе на споменикот на Гоце Делчев, на плоштадот „Македонија“, во Благоевград.
Ова ќе биде втора заедничка прослава, по потпишувањето на Договорот за пријателство, соработка и соседство помеѓу Република Бугарија и Република Македонија пред една година.
На одбележувањето на годишнината, ќе присуствуваат и министерот за внатрешни работи на Република Македонија, Оливер Спасовски, како и вицепремиерот и министер за одбрана на Република Бугарија, Красимир Каракачанов.
На Мечкин Камен, во Крушево, Денот на Републиката и државните почести по повод годишнината ќе ги одбележи претседателот Ѓорѓе Иванов.
Таму во 9:30 часот ќе биде положено свежо цвеќе на гробот на Никола Карев, а во 10 часот на Споменикот на хероите – Слива. Точно напладне, односно во 12 часот, ќе биде положено свежо цвеќе на Мечкин Камен, по што следува обраќање на претседателот Иванов.
На Мечкин Камен, ќе присуствува и владина Делегација составена од вицепремиерот Кочо Анѓушев, министрите за транспорт и врски, Горан Сугарески, за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, за локална самоуправа Сухејл Фазлиу и за здравство, Венко Филипче.
Илинден ќе се слави и во Смилево. Таму се обележуваат 115 години од Илинден и 76 години од првата борбена акција на Битолско – Преспанскиот Партизански Одред „Даме Груев“ – Ослободување на Смилево.
По тој повод, во 9 часот свежо цвеќе ќе биде положено на три спомен обележја: могила на Даме Груев – обелиск, на споменикот на Смилевските илинденци – обелиск и на спомен плочата на Партизанскиот одред „Даме Груев“.
Во Смилево, Владата ќе ја претставуваат министерот без ресор, Зоран Шапуриќ, заменик – министерот за локална самоуправа Дејан Павлески и националниот координатор за здравство, Гоце Чакаровски.




