Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор и раководител во одделението за инспекциски надзор во високото образование тврди дека му бил вршен притисок и добил закани од директорот на Државниот просветен инспекторат и од раководителот на Секторот за инспекциски надзор да ги повлече записниците и да не се испраќаат сооппштинија за утврдените нерегуларности на Тетовскиот универзитет. Тој до веб сајтот факултети.мк испратил писмо како реакција на соопштението од Државниот просветен инспекторат во кое се оградуваат од изјавата на Илиевски за нерегуларности во постапките за избор во наставно-научни звања на посочените лица (актуелни функционери), членови на Владата на Република Северна Македонија.
-Не сум изненаден од директорот на Државниот просветен инспекторат, Томе Спироски, и раководителот на Секторот за инспекциски надзор, Африм Саљиу, со ваквото соопштение бидејќи тие ми вршеа притисок со закани да се повлечат записниците и да не се праќаат решенија оти ќе трпам последици ако не ги повлечам записниците и не смеам да пуштам решенија. Таквите закани беа на одржаниот состанок на 10.05.2019 година во канцеларијата на директорот, каде што беа присутни колегите Предраг, Зоран, Весна, Христина, Даниела, Снежана. На таквите закани им беше одговорено од моја страна дека јас сум самостоен инспектор и на сето што сум констатирал се потпишувам и стојам зад тие констатирани незаконитости. Им одговорив дека сакам професионално и законито да си ја завршам мојата работна кариера. А за ваквите закани ќе бидат информирани сите домашни институции, странски амбасади, средствата за јавно информирање, како и Државната комисија за корупција. Тоа и го направив, запознати се сите. Тоа стои и во Претставката бр.12-2682/1 од 13.05.1019 година, како и во дополнителна претставка доставена до Државната комисија за спречување корупција за напред наведеното, се вели во писмото на Илиевски.
Понатаму Илиевски потсетува на целата постапка што била спроведена на ДУТ.
-Од извршениот редовен инспекциски надзор, извршен на Државниот универзитетот во Тетово на 01. и 12.04.2019 година, на Правниот факултет од страна на моите колеги кои бевме на надзор 5 (пет) проверивме 33 досиеја во делот на наставно-научни звања на доценти, вонредни и редовни професори од страна на инспекторите беа констатирани законски пропусти, како и незаконско унапредување на јавните функционери во наставно-научни звања согласно Законот за високо образование и Законот за работни односи. Притоа се прибраа и целокупни документации кои ги поседувам и се предадени до Државната комисија за спречување на корупција на РСМ, како и доставена документација до кабинетот на премиерот Зоран Заев.
Воедно, лично е запознат и министерот за образование и наука за неговата незаконитост која е констатирана за унапредување во наставно-научно звање доцент, како и за неговите интелектуални ангажирања кои добивале парични средства од универзитетот што е спротивно на Законот за високо образование, истото важи и за другите јавни функционери. Бев замолен да го прикријам целиот случај. Исто така, на неколку наврати ми се обрати и заменик-министерот за внатрешни работи, за кој исто така бев замолен да се сокрие овој случај, тврди Илиевски.




