Вработените и студентите на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје денеска со полчасовен протест јавно го изразија своето незадоволство од условите за работа и студирање, за кои велат дека се резултат на лошата поддршка и политики во високото образование во последните дваесетина години, за науката во последните десетина години и тоа особено во делот на грижата за човечкиот потенцијал и материјалните услови за настава и истражување.
Тие ги ги истакнаа причините кои довеле до вака лошата состојба, го кажаа проблемите и нивните барања. Нивното сопштение го објавуваме во целост:
„Институтот за хемија се гордее со своето реноме на врвна високообразовна и научно-истражувачка институција, што е потврдено со сите параметри за оценка на овие достигнувања како што се публикување на научни публикации во ценети меѓународни списанија, реализација на научно-истражувачки проекти и соработка со врвни истражувачки групи од светот, како и едукација на хемичари кои се истакнати професионалци и истражувачи и кај нас и во светот и на најдобар начин ја афирмираат својата институција, факултет, универзитет и држава.
Токму заради реномето и развиената висока академска свест, вработените на Институтот со години наназад вложуваа големи напори за амортизација на континуираното влошување на состојбите истовремено укажувајќи на проблемите и правеа напори за нивно решавање. Беа упатувани барања до надлежните за
добивање согласност за вработување на млади соработници, за вложувања во подобрување на материјалните услови и поддршка за научно-истражувачката дејност, но одговор немаше. Само за последното, означено со „ургентно“, барањена согласност за вработување на 2 асистенти и 4 виши лаборанти (од август 2019)
беше побарано дополнително објаснување за фискален ефект, и се надеваме дека ќе биде одобрено, а не оставено „на чекање“ поради актуелните политички случувања од последниве 2-3 дена.
Oва континуирано влошување на условите за работа и студирање, без надеж за подобрување, дојде до степен кога е доведено во прашање нормалното реализирање на високообразовната и научно-истражувачката дејност. Затоа, Стручниот совет на Институтот за хемија на состанокот на 10 октомври одлучи дека е
време и јавно да го изрази незадоволството од овој третман, а студентите, откако беа информирани, едногласно го поддржаа и се придружија на протестот.
Трите клучни барања од овој протест се следните:
– да бидат итно одобрени барањата за вработување на млади соработници од надлежните министерства за ублажување на катастрофалната состојба со подмладок на Институтот за хемија за да може да се реализира
практичната настава, што во овој момент е неизводливо. Токму недостатокот на млади соработници асистенти за практична настава и научно-истражувачка работа се најакутниот проблем во последните години. Веќе осум години не е добиена согласност за вработување на асистент, а во меѓувреме се случуваат редовни пензионирања на професорите и лаборантите, кои се неопходен дел од практичната настава.
Проблемот низ бројки е многу јасно видлив: од вкупно 58 вработени во 2000 година (33 наставници, 11 асистенти и 14 лаборанти), во 2010 биле 44 (30 наставници, 4 асистенти и 10 лаборанти), а денес на Институтот работат 24 вработени, од кои 20 наставници (15 редовни професори), 4 лаборанти и ниту еден асистент. Во исто време, бројот на студенти во последните десетина години нема битни промени и
дури е во благ пораст со просечно 50 нови студенти на прв циклус студии секоја година и вкупно меѓу 250 и 300 студенти на сите три циклуси на студии бидејќи хемичарите стануваат барани на пазарот на трудот.
– во буџетот за следната година да бидат предвидени средства за реновирање и опремување на студентските лаборатории, како и средства за реновирање на зградата на Институтот постапно во следните неколку
години. Студиите на студиските програми по хемија и денес се споредливи со студиите по хемија на било кој светски универзитет, но важниот дел кој недостига е опременост на лабораториите со услови и инструменти за стекнување на практични вештини. Освен тоа, зградата на Институтот за хемија, која e извонредно проектирана и изведена, не е соодветно одржувана, особено во последните дваесетина години, и неопходно е да се реновира постапно, во тек на неколку години.
– во буџетот да се предвидат средства за финансирање на научно-истражувачки проекти во кои, покрај средства за работа во лабораторија и други потреби, ќе биде вклучена и поддршка за млади истражувачи (школарина и стипендија за магистранти и докторанти) за да ги задржиме најдобрите дипломирани студенти со можност и услови за академска кариера тука!
Состојбата со финансирање на научно-истражувачката работа во нашата земја е очајна повеќе години наназад, конкурси за национални проекти не се објавени од 2009 година, а стипендии се доделуваат за магистерски и докторски студии во странство, но не и за кај нас! Ова секако не е проблем
само на Институтот за хемија (кој е особено препознатлив по резултатите во овој домен), но е проблем на целата академска заедница, за кој треба јавно да се проговори и конечно да се дејствува“, велат од оваа Научна и образовна институција.
Вработените и студентите велат дека понатаму ќе продолжат да инсистираат на обезбедување услови за студирањето и за научните истражувања за да бидат на ниво споредливо со светските универзитети, како што беше порано. Тие велат дека ова е остварливо со соодветна поддршка од државата, чиј врвен приоритет треба да биде квалитетно образование и наука како влог во иднината без оглед на моменталната политичка состојба и гарнитура на власт.




