„По еднодушната осуда на демократската јавност на постапките на судските органи кон новинарот Томислав Кежаровски, очекувавме разум, а дочекавме неразумна пресуда која, да повторам, претставува груба компромитација на основните начела на правната држава“, се вели во изјавата испратена до медиумите од Ристо Лазаров, претседател на Македонскиот ПЕН центар.
Македонскиот ПЕН најостро ја осудува пресудата и уште еднаш енергично протестира против грубиот и бескруполозен атак врз слободата на изразувањето, загарантирано во безброј меѓународни документи, како и во Уставот на Република Македонија.
И Комитетот за писатели во затвор на Меѓународниот ПЕН неодамна негодуваше и изрази сериозна вознемиреност поради ваквиот третман кон новинарот Кежаровски и кон слободата на медиумите воопшто, потесетуваат од ПЕН.
Македонскиот ПЕН се придружува кон јавните протеси по повод пресудата на новинарот Кежаровски и за својот став по повод исходот од судскиот процес ќе го извести Меѓународниот ПЕН и неговите органи.
Со загриженост ќе го следиме натамошниот развој на настаните и истрајно ќе ја продолжиме борбата против сите обиди за загрозување на слободата на изразувањето, како и против секаков вид ограничување на медиумската слобода во Република Македонија, стои во соопштението од ПЕН.




