Со гас маски на своите лица и со транспаренти – „Да му кажеме НЕ на хемиското оружје“ десетина граѓани денеска протестираа пред Албанската амбасада во Скопје со цел да се солидаризираат со граѓаните од соседна Албанија и да упатат порака до властите во Тирана да не дозволуваат хемиското оружје од Сирија да се уништи во Албанија.

„Ние се солидаризираме со совесните граѓани, кои низ цела Албанија кренаа глас во заштита на нашето здравје, како и за благосостојбата на идните генерации. Ја повикуваме албанската влада да се спротивстави на каква било можност за носење на сириското хемиско оружје, поаѓање од штетата која може да не погоди сите нас“ го прочита нивниот став Анита Љатифи. Според нив тоа ќе значи уништување на здравјето на луѓето и во Македонија.

Денеска и партијата ДОМ излезе со апел до Владата на Република Македонија да испрати нота до Владата на Република Албанија, преку која ќе побара да се откаже од намерата за уништување на хемиското оружје од Сирија на нејзино тло.
– Апелираме и до сите дипломатски претставници во Република Македонија преку својата дипломатска мрежа да упатат загриженост до своите Влади за можноста од уништување на хемиско оружје на европско тло, а со тоа заеднички да спречиме идна еколошка катастрофа на Балканот, рече на денешната прес-конференција портпаролот на ДОМ Тони Ристов.
ДОМ апелира и до претставниците на албанската политика и Организацијата за забрана на хемиско оружје, да се откажат од идејата за уништување на 1300 тони сириско хемиско оружје во близината на Елбасан.
Инаку, на почетокот на овој месец бројни граѓани се собраа пред парламентот во Тирана на протест против таквите планови.
„САД не контактираа, но одлука не е донесена. Сите одлуки ќе бидат транспарентни, а во предвид ќе биде земен интересот на земјата. Мислам дека Албанија нема капацитет за такво нешто. Дури и поголеми и поразвиени земји одбија тоа да го направат“, изјави тогаш парламентарецот Ирил Мета.
Активистите бараат од албанската влада да ги одбие сите барања на странските влади за помош при уништувањето на сириското оружје во земјата.
Норвешка, Франција, Белгија и Албанија се спомнати како можни локации за уништување на целиот сириски арсенал хемиско оружје, проценето на околу 1.000 тони.




