Револтирани од ниските откупни цени, струмичките земјоделци излегоа на протест заедно со тракторите и целокупната земјоделска механизација. Со вклучени сирени, скоро еден час тие се движеа по струмичките улици барајќи Владата да ги заштити. Земјоделците велат дека работат со загуба, а фабриката на отворено веќе две години колабрира.
Деновиве откупните цени на зеленчукот паднаа за речиси 50 одсто. Земјоделците се во паника бидејќи не гледаат излез од ситуацијата. Тие побараа Владата сериозно да се посвети на аграрната политика бидејќи цели 10 години се повторуваат истите проблеми.
Земјоделците ги повикаа надлежните да обрнат внимание на откупот и пласманот на зеленчукот во струмичко. Доколку не се реши ситуацијата, тие најавија секојдневни протести.