Движењето „Протестирам“ во петок со нов протетстен марш на улиците. Точно еден месец по протестот за Мартин Нешковски на кој имаше и повредени и приведени, од „Протестирам“ најавуваат дека уште помасовно ја продолжуваат битката против криминалот, злоупотребите и неправдата. Од движењето апелираат да се приклучат што повеќе граѓани, зашто според нив, не се работи за конфликт меѓу две политички партии, туку за несогласување на народот со политиката на власта.
„ Политичката криза во Македонија не е резултат на конфликт меѓу две политички партии туку таа е резултат на народното несогласување, на несогласувањето на граѓаните кон криминалната власт, кон корумпиранот политички систем кој придонесе голем број граѓани да бидат обесправени, оштетени и да се чувствуваат загрозени во својата држава“, изјави Артан Садику.
Садику рече дека се сомнева во донесените пресуди за приведените демонстранти, бидејќи како што истакна, судството функционира еднострано и со налози. И Здравко Савевски од „Солидарност“ изјави дека не може да се верува на институциите на системот.
„Ние сметаме дека оваа власт е нелегитимна и дека ги користи и крши законите онака како и одговара, за да им наштети на оние кои се спротивставуваат на нејзиното владеење. Поради нашата недоверба во институциите ние не можеме да веруваме дека ако поднесеме барање до внатрешна контрола на МВР или кој било друг орган, дека тој орган објективно ќе ја процени ситуацијата. Сите институции се доведени до точка да го спроведуваат законот само ако им нареди извршната власт “, рече Савевски.




