Уште еден ненасилен граѓански протест во знак на револт од необјавувањето на политичките бомби се одржа денеска пред македонската радиотелевизија. На иницијатива на генералот Стојанче Ангелов точно напладне пред МРТВ се собраа голем број активисти, новинари, актери, пејачи итн. Ангелов повика да се најде истражен судија, кој ќе го уапси премиерот Никола Груевски.
-Повикувам еден истражен судија или Јавен обвинител и веднаш да даде налог за апсење на Никола Груевски и другите криминалци. Наградата ќе ја добијат веднаш по формирањето на техничката Влада, а ние парите нема да ги даваме од буџетот како тие што милуваат да даваат, ќе ги дадеме од парите одземени од нив, порача Ангелов.
Ангелов вели дека нема потреба од упад во МРТВ, бидејќи голем дел од вработените во телевизијата се присутни на протестот.
Освен Ангелов, прв пред присутните се обрати легендарниот спортски коментатор на македонската радиотелевизија Атанас Костовски кој порача дека заедно со пролетта и поместувањето на часовниците еден час понапред, ќе дојде и промената.
-Во овој март се наоѓаме од прилика во иста ситуација, со таа разлика што јас сум надвор, а они се внатре. Сакаат нивната вистина да биде и наша, тоа не е можно, не е професионално, не е во согласност со статусот што го пишуваа. Пролетта доаѓа, промените ќе дојдат, рече Костовски.
По говорот на Костовски протестот со перфроманс го поддржа и екипата на култната детска образовна програма „Бушава азбука“.
А – како „Ало Миле“, „Ало началниче“, Б – будалетинки… Е -како ендек, Л – како лудаци…
Вака актерите Ана Костовска, Ирена Ристиќ, Синоличка Трпкова и Петар Арсовски, пред македонската радиотелевизија ја изрецитираа азбуката во поинакво издание, нарекувајќи ја „Азбука на режимот“.
После секоја буква од азбуката актерите ги спомнуваа криминалите на власта и злоупотребите кои проструија во прислушуваните телефонски разговори кои ги обелодени опозицијата.
Присутните граѓани со скандирање и извици го проследија речиси секое споменување на дел од разговорите.
Пред почетокот на изведбата, актерката Ана Костовска потсети на оргиналната шпица за „Бушавата азбука“, која е продуцирана со помош на МРТВ во 1985та година.
Говор одржа и членот на популарното телевизиско шоу „К-15“, Бубо Каров кој посочи дека тука е поради својата граѓанска должност и ги отфрли сите етикетирања.
– Можеби имаме различно мислење со генералот Стојанче Ангелов за многу работи, но тоа не значи дека не треба да се бориме заедно за она што е основа на демократијата, рече Каров.
На ненасилниот протест пред МРТВ денеска се обрати и 89-годишниот полковник Митко Василевски, кој порача дека време е Македонија повторно да се брани.
На крајот од протестот генерал Стојанче Ангелов потсети дека ќе го одржи ветувањето и наскоро ќе почне да ги емитува бомбите на разглас и во најоддалеченото село во земјава. Протестот заврши со изведба на македонската народна песна „Море сокол пие“, која ја испеа актерката и пејачка Ана Костовска, пропратена од присутните граѓани.
Инаку, генерал Ангелов веќе поднесе кривична пријава против Јавниот обвинител Марко Зврлевски за злоупотреба на службената положба и против главниот и одговорен уредник на МРТВ Диме Ратајкоски за селективно и пристрасно пласирање информации преку јавниот сервис, бидејќи МРТВ не ги емитува снимките од прислушуваните разговори кои ги објавува СДСМ.
За разлика од јавниот сервис, дел до телевизиите и речиси сите интернет портали во земјава континуирано ги објавуваат прислушуваните разговори кои ги обелоденува лидерот на СДСМ Зоран Заев.




