Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски на прес – конфренција соопшти дека на десетина владини и партиски функционери неовластено и со усна наредба им се доделени службени возила и обезбедување од МВР.
Станува збор за Кирил Божиновски, генерален секретар на Владата, Емил Димитриев, пратеник и генерален секретар на ВМРО- ДПМНЕ, Михајло Маневски – поранешен министер за правда, Мартин Протуѓер – советник на премиерот, Гоце Ѓуклески од Националниот координативен центар, Јохан Тарчуловски и пратеникот Амди Бајрам.
Сите тие добиле службени возила и обезбедување, со усна наредба на началникот на Шестата управа при МВР, кој е сменет непосредно пред да дојде новиот министер.
Спасовски вели дека веднаш е издадена наредба да им се одземат возилата, а од тогашниот началник на Шестата управа побарано е службена белешка за да образложи, зошто усно издал ваква наредба.
Спасовски вели дека е отворена интерна истрага во МВР за да се утврди материјалната штета, имајќи предвид дека голем број лица биле ангажирани да ги обезбедуваат. Во тек е и постапка за нова регулатива во МВР, за ваквите појави да се спречат во иднина.
– Ова се сериозни процедурални недостатоци кои укажуваат на фактот дека во Македонија партијата не е поделена од државата. МВР не било на РМ, туку на ВМРО- ДПМНЕ. Ова е направено надвор од сите законски овластувања со усна наредба од страна на надлежните. Ќе се преиспитааат сите индиции. Се работи за сомнеж за пречекорување на овластувањата со кои е нанесена штета на МВР. Стотици луѓе биле ангажирани за обезбедување со субјективни одлуки и контактирана е злоупотреба во рок од 24 часа на службените возила, додека оперативните и инспекциските служби немаат возила или се служат со стари, рече министерот Спасовски.
Во однос на обезбедувањето што им е доделено на екс – министерката Гордана Јанкуловска и поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков, Спасовски вели дека по престанок на функцијата, законски им следува обезбедување и тоа е покриено со решение, додека останатите ги добиле овие привилегии без да се направи безбедносна проценка дали навистина има потреба од тоа.




