Денеска во Солун ќе се одржи првиот состанок на Комисијата за трговските ознаки и трговските имиња. Ова го најави вчера алтернативната министерка за надворешни работи на Грција, Сиа Анагностопулу за време на расправата во грчкиот Парламент за ратификација на законите што произлегуваат од потпишаните договори во Скопје во март и април годинава за отворање на нови гранични премини, јави МИА од Атина.
Алтернативната шефица на дипломатијата рече дека „бизнисмените од двете страни ќе ги постават темите кои останаа нерешени се додека не се потпиша Договорот од Преспа“.
По околу 90 минутна расправа на пленарна седница, во речиси празната сала на во грчкиот Парламент, по обраќањето на 10 пратеници и говор алтернативната министерка за надворешни работи на Грција, Сиа Анагностопулу, со гласовите од СИРИЗА, Река и Демократска алијанса, грчкиот Парламент ги изгласа нацрт законите за Договорите за отворање на нови гранични премини кај Маркова нога и Мајден меѓу Северна Македонија и Грција.
Нова демократија, Златна зора и Сојуз на централисти беа против, додека пак Комунистичката партија гласаше воздржано.
Анагностопулу во обраќањето рече дека со овие договори се гледа практичната придобивка од Договорот од Преспа, истакна дека отворањето на граничните премини било барање на локалното население.
– Овој закон и овие договори не паднаа од небо. Напротив, имав голем притисок од локалното население да се донесе законот уште пред Велигден и иако им го ветив тоа и им се извинувам, не успеавме порано, бидејќи беше потребно време за законодавната постапка. Тоа беше итно барање од локалното население, објасни алтернативната МНР на Грција и додаде дека и за граничниот премин кај Преспа, локалното население уште од 1967 година кога и се затвори, барало повторно отворање.
Анагностопулу уште еднаш категорично повтори дека без Договорот од Преспа и со претходната рамката што ги одредуваше односите на двете земји не можеше да се отворат граничните премини, бидејќи таа рамка беше истата со онаа од 1959 меѓу Грција и Југославија. Таа истакна дека во грчкиот Парламент, никогаш претходно не дошол никаков закон што се однесува на двете земји, затоа што постоеше проблемот со името.
-Договорот од Преспа ги одврза рацете и на грчката држава и на Република Северна Македонија. Потребен беше овој договор, рече Анагностопулу.
Оној кој не сакаше да чека, беше пратеникот од Златна зора, Христос Папас, кој прв се обрати и објасни зошто тие се против договорот, велејќи дека „не постои држава со име Северна Македонија“.
Веднаш по Папас, се обрати надлежниот за надворешна политика во опозициската Нова демократија, Јоргос Кумуцакос и рече дека тие како партија не ги поддржуваат двата договори, истакна дека „билатералните односи со северниот сосед може да се развијат, тоа е прашање на политичка волја“ и додаде дека „институционалната рамка постоеше уште од Времената спогодба и постоеја на најмалку три меморандуми со практични мерки“.
Пратеникот од најголемата грчка опозициска партија истакна дека „Договорот од Преспа е и историски ќе остане, договор со слаб легитимитет, кој никогаш нема да го засакаат Грците“.




