Апелациониот суд ја потврди пресудата на Основниот суд Куманово дека на вработена во основно училиште и било повредено правото за еднакви можности и третман, односно дека била дискриминирана по основ на семеен статус, семејна и брачна состојба, односно родителство – бременост.
Тужителката која била вработена во основно училиште, повела спор поради дискриминаторски третман од страна на директорот на училиштето. Имено, тужителка, заедно со уште неколку колеги исполнувала услови за трансформација на работниот однос од определено на неопределено време, поради што од страна на училиштето било поднесено барање за трансформација на нивниот работен однос. Веднаш откако тужителката соопштила дека е бремена, нејзиното барање за трансформација на работен однос била повлечено, додека барањата на другите колеги не.
Првостепениот и второстепениот суд потврдиле дека со повлекување на барањето за трансформација на работниот однос на тужителката од определено во неопределено време, од причина што истата соопштила дека е бремена, тужените постапиле спротивно на член 6 и член 9б став 1 од Законот за работните односи и го повредиле правото на тужителката на еднакви можности и еднаков третман, односно извршиле дискриминација, информираат од Македонското здружение на млади правници.
Тужените не докажале дека разликата во третманот спрема тужителката има објективно и разумно оправдување.
Судот исто така ги задолжил тужените да ѝ исплатат на тужителката паричен износ од 50.000,00 денари по основ на надомест на нематеријална штета заради сторената повреда на правото на еднаквост и утврдена дискриминација по основ на бременост.




