Според првите проекции на новиот состав на Европскиот парламент, најсилни партии и натаму ќе бидат Европската народна партија, социјалдемократите и Сојузот на либерали и демократи за Европа, во која би требало да се приклучат и членовите на Република во движење на францускиот претседател Емануел Макрон.
Првите резултати од изборите во земјите-членки на ЕУ, ја донесоа првата проекција за можниот состав на новиот Европски парламент.
Според прелиминарните резултати добиени од 11 земји-членки и предизборни најави од 17 држави-членки, 751 место во Европскиот парламент можат да се поделат на следниов начин:
Европската народна партија ќе има 173 места, социјалдемократите 147, Алијанса на либералите и демократите плус Република во Движење 102, Зелените 71, конзервативците и реформистите 58, Европа на нациите и слобода 57, Европа на слобода и директна демократија (Движење 5 ѕвезди плус партија за Брегзит) 56, Европската обединета левица /Нордиска зелена левица 42.
Лидерот на Алијансата на либерали и демократи за Европа и поранешен белгиски премиер Ги Верхофстат изјави дека со овие европски избори заврши доминацијата на социјалистите и конзервативците во Европскиот парламент.
-Околу 100 наши пратеници и новата група, која ќе ја формираме во Европскиот парламент, ќе бидат клучни, бидејќи првпат од првите европски избори во 1979 година, класичните партии на социјалистите и конзервативците веќе нема да имаат мнозинство. Тоа значи дека нема да има солидно проевропско мнозинство без учество на нашата нова центристичка група, вели Верхофстат.
Тој најави дека Алијансата на либерали и демократи за Европа во новиот состав на Европскиот парламент ќе се прошири со претставниците на француската листа Ренесанса, која ја предводи Република во движење на Макрон, но и други слични реформистички партии кои размислуваат слично.
-Очекуваме да освоиме нови 30 до 40 места на овие избори и да формираме група од околу 100 пратеници, рече Ферхофстат.
Тој оцени дека тоа ќе биде проевропска група, која ќе ја користи својата новодобиена моќ да се бори за амбициозна Европа.
Булман: Орбанизацијата на ЕПП е запрена
Лидерот на групата социјалисти и демократи во Европскиот парламент, Удо Булман, вечерва изјави дека Европската народна партија (ЕПП) ја изгубила политичката моќ на европските избори.
-Европската народна партија нема резултати и политичка моќ да ја води ЕУ и Европската комисија. Орбанизацијата на ЕПП не е запрена. ЕПП не може да бара, како свое право, да биде мнозинство, кое ќе одлучува кој ќе биде новиот претседател на Комисијата, рече Булман.
Тој вели дека социјалдемократите во новиот Европски парламент ќе се залагаат за поголема социјална правда.
Во тој контекст, тој најави создавање на нови коалиции во ЕП, кои ќе се залагаат за реформи и подобрување на животните и работните услови за „мнозинството, а не само некои” во Европа.
-Ние ќе работиме на формирање на прогресивни социјални сојузи, кои ќе го поддржат кандидатот на социјалдемократите Франс Тимерманс за претседател на Европската комисија, порача Булман.
Лидерот на групата социјалисти и демократи во Европскиот парламент вели дека гласачите јасно кажале дека сакаат ЕУ да биде поодлучна во борбата против климатските промени, но додава дека резултатите во оваа област не можат да се постигнат без резултати во други области на социјална правда.
Удо Булман рече дека европските социјалдемократи ќе се борат во Европскиот парламент, на прво место против сиромаштијата што ги засега децата, против нееднаквоста и избегнувањето плаќање даноци во ЕУ.
Според портпаролот на Европскиот парламент, Жом Душ Жило, на овие избори е забележан најголемиот одѕив во изминативе 20 години.





