Игор Талевски од Скопје e eдинствениот Македонец кој ја заврши ултра велосипедската трка во САД долга скоро 7.000 километри. На само-поддржаната трка со велосипед низ САД, „Транс Америка рута“ (Trans Am Bike Race 2021) со растојание од 6.920 км од западниот до источниот брег, Талевски се рангираше на шестото место од вкупно 42-ца натпреварувачи. Се вози со велосипед низ 10 држави на САД, рутата покрива претежно северни држави. Концептот на трката е таков што целото возење мора да е самостојно, без никаква поддршка од тим и трката е една етапа од почеток до крај, без застанување на часовникот и се брои покрај часови секако и во денови. Во ексклузивното интервју за Нова ТВ, Талевски зборува за љубовта кон велосипедизмот и последниот постигнат подвиг.

НОВА ТВ: Како се роди љубовта кон велосипедизмот и колку често возиш?

Низ животов до сега поминав неколку спортови, а најмногу се задржав на алпинизмот. Со планинарење почнав во организирана форма некаде во 1995 година, а со алпинизам во 1998. Имам голема љубов кон планините и всушност прво почнав да возам планински велосипед, како уште еден начин на уживање и откривање на планините. Никогаш не ни помислував дека ќе почнам да возам друмски велосипед, бидејќи се замислував себе далеку од асфалтот и само во чиста природа. Сепак, пред три години, се појави одреден извор на посебна инспирација и почнав и тоа да го работам. До тој период не возев често, бидејќи практично 24 часа бев опседнат со качување и планини: бев Претседател на алпинистичката федерација, коосновач и организатор сум на Фестивалот на планински филм Ехо, организирав некои активности во рамките на федерацијата за разни категории на членови, качував со мојата сопруга, реализирајќи некои лични проекти итн… Цело време планина, планина, планина. Велосипедот беше ретка промена на активност – па и тој се случуваше во планина. Од пред три години, се случи целосна промена и скоро постојано сум на велосипед, користејќи го секој слободен момент, но овој пат тоа се случува на друмски велосипед.

НОВА ТВ: Како дојде до идеја да возиш ултра велосипедизам?

Од самиот почеток кога одлучив да почнам да возам друмски велосипед, всушност одлуката падна поради инспирација да возам ултра долги тури. Тоа беше еден мој нов начин, како да се надминувам себе како човек, на физички и духовен план. И едната и другата активност, алпинизмот и велосипедизмот на ултра долги растојанија, се такви, да поради начинот на кој се случуваат, траењето, изложеноста на елементите со часови и денови, самостојноста и слично – секоја на свој начин помага да за време на практикувањето или по акцијата, можеш да откриеш нови реалности за себе и да поместиш некои граници. Тоа е основната причина поради која ги практикувам.

НОВА ТВ: Како изгледа еден ден на велосипед кога возиш низ Македонија? Кои се рутите кои најчесто ги возиш?

Кога почнав да возам друмски велосипед, како да се разбудив или подобро, како да си го потврдив тоа што го знаев, па и сите што го знаат – колку и покрај тоа што Македонија е малечка земја, уште помалку ја познаваме. Колку пати до тогаш, додека сум бил во автомобил, патувајќи кон следното искачување, сум поминал покрај некој патоказ, кој покажувал кон некое село, манастир, некоја друга знаменитост, а никогаш не сум застанал да видам. А има и тоа како што да се види! Живееме во земја со премногу културни и природни убавини, кои повеќето од нас многу успешно ги игнорираме. Друмскиот велосипед, посебно поради начинот на кој го возам, покривајќи повеќечасовни, долги тури, ми помогна да си се запознавам со Македонија на многу поинтимен начин. Од аспект на тренинг, во зависност од времето на располагање пак, имам утврдено рзлични должини за возење во текот на денот, од 50км до 300км најчесто како опции, со различни и висински профили. Генерално во растојание од некои 100тина километри уживам во скопскиот и тетовскиот регион како најблизок, за возења од 150-250 километри најмногу сакам да возам преку овчеполието со истегнување евентуално до Пробиштип и Неготино, а за подолги од тоа тури, веќе тоа се кругови кои знаат да фатат и возења до Кичево, Охрид, Битола итн. Генерално сум доста задоволен од тоа колку имам уживано, но има уште многу за откривање во убавинава ни!

НОВА ТВ: Има ли и какви се во Македонија условите за велосипедизам, посебно за друмскиот?

Јас релативно кратко време го практикувам, за да можам да споредувам како било некогаш, па можам да зборувам само за последните 3 години. Прво од аспект на квалитет на патишта, сепак имам извозено преку цела Европа и цела Америка веќе буквално, сметам дека имаме одлични патишта по кои може да се вози, често се става нов асфалт, се освежуваат старите делници и слично и навистина ситуацијата е ОК и има фатено добар правец. Од аспект пак на капацитет потребен за квалитетен тренинг, исто така имам само позитивно мислење – не ни недостасуваат услови! Имаме лесно достапни можности за брдски и планински искуства, како и правци каде може да се тренира возење со ветер и слично. Сметам дека имаме одлични услови за возење на друмски велосипед во моментов. Од аспект пак на заедница исто така можам да забележам дека таа постојано се зголемува. Тоа само по себе ќе си носи уште подобри услови, но и со тек на време и уште повеќе, поголеми спортски резултати во секој сегмент на велосипедизмот.

НОВА ТВ: Низ Скопје може да се забележат дека се возат прилично скапи велосипеди, каков велосипед вози Игор?

Само благодарение на тоа што работам во компанија која се занимава покрај другото и со продажба на опрема за „аутдор“ спортови, а со тоа и на велосипедска опрема, можам да си дозволам нешто што можеби е и повеќе од тоа што ми треба – од аспект на опрема/цена за перформанси. Сметам дека комотно можам да имам поевтин велосипед и да го правам тоа што го правам успешно, како што е и случајот и со повеќето возачи кај нас. Сепак, почитувам тоа што многу често во последно време тоа склопување на „скап велосипед“ се прави со мерак и љубов кон креацијата наречен велоспед, нешто што повеќе од еден век е составен дел од човештвото, како и со мерак и љубов кон спортот, а помалку за престиж. Малку поконкретно за мојот избор: прво од аспект на рам, возам модел кој е со т.н. „ендуренс“ геометрија на италијанската компанија Бјанки. Тоа е малку покомфорна геометрија која ми дозволува да возам лесно долги растојанија – повеќе денови. Моделот конкретно е Бјанки Интенсо. Од аспект на опрема пак, користам опрема од италијанската компанија Кампањоло, од која сум презадоволен од аспект на компактноста при изработката, но и прецизноста и долготрајноста при користењето.

НОВА ТВ: Што се е потребно за превземање на еден ваков голем подвиг, и имаш ли поддршка финансиска и логистичка?

Најголемиот товар од аспект на инвестиција на време и финансии паѓа на мене лично. Имам големо разбирање од сопругата и тоа е бесценето. Конкретно за оваа последна трка финансиска поддршка добив од три компании и сум им многу благодарен, а мојата матична компанија ја даде и поголемата инвестиција – слободно време да можам да тренирам и да ме нема и дополнителни месец дена за самата трка. Благодарност до небо за сите нив! Од аспект на логистика, бидејќи суштината на овие трки во кои што учествувам е возачот да нема поддршка од никого, гледам целото планирање да го правам сам. Колку што повеќе сум самостоен при планирањето, толку подобро и полесно ќе се снајдам самостојно и при самата трка. Така, некои два месеци пред трката ги поминав во разгледување на сите 6800км кои треба да ги поминам, да видам каде се’ би имал можност да се снабдам со храна, да организирам сместување… Потоа организација на целото патување од аспект на се’ што е потребно за пат од авиони, автобуси, потребна резервна опрема за велосипедот, потребна опрема за самото возење која се распределува во торбите итн. Целото тоа планирање го правам сам – бидејќи ќе повторам, трките во кои учествувам се со таква природа и не е дозволено за време на возењето возачот да добива поддршка од друг.

НОВА ТВ: Покрај овој подвиг, на што имаш претходно учествувано?

Претходно имам учествувано на три други трки: низ Хрватска, која беше со должина од околу 1500км, околу Холандија, која беше со должина од околу 1900км и трката од Италија до Норвешка со должина од околу 4500км. Генерално во зависност од должината која треба да се помине и висината која треба да се качи, условите за време на возењето и слично, просечно на овие трки возев по некои 340-390 километри на ден. Тоа беше доволно за да бидам во првите 10 финишери. Во оваа трка сега низ САД, која е и моја најдолга досега со околу 6800км, посебно во првата половина малку се опуштив и на крај просекот ми беше околу 320 километри на ден, што пак беше доволно да бидам 6ти финишер. Сепак, во овој случај сум резервиран. Поради вирусот, некои возачи од Европа не можеа да допатуваат во САД и „битката“ за топ 10 беше малку порелаксирана. Генерално пред себе сум задоволен бидејќи со тоа време на финиш сепак сум во некој ранг во првите 10% возачи од сите досегашни финишери низ годините и тоа ми дава задоволство и инспирација. Секако – пред се’, јас уживам во овие трки поради и самото возење, поради дружењето со овие мои нови колеги и поради возењето низ предели кои ретко кој и од самите жители на тие земји кои поминувам, ги видел. Исто како и случајот кај нас. Ретко кој си ја знае својата земја доволно. Среќен сум што преку трките ете пред се’ имам можност подобро да си ја запознаам Македонија за време на подготовките, но исто така и да видам некои навистина уникатни предели и да доживеам неописливи искуства низ земјите низ кои се вози.

НОВА ТВ: Кои ти беа убавите а кои лоши моменти во извозените скоро 7000 километри? И што ти даваше поттик за да ја издржиш целата трка?

Од досегашно искуство, знам дека чувствата кон „лошите“ моменти за време на и по трката се многу различни. И не знам кое нивно доживување е „пореално“. Дали тоа за време на трката или пак „по преспивањето“. За време на трката, моментите кога возев низ Вајоминг на пример, по на моменти навистина лоши патишта или пак во Мизури и Кентаки, по на еден начин сокриени и многу стрмни кратки брда, преку кои искачувањето беше блиску до измачување – беа „лоши“ моменти. Еве и денес, една недела по финиширањето, можам многу јасно да се сетам на тие моменти и ми станува мачно. Но, денес, а и веќе два-три дена по трката овие, но и било кои други „лоши“ моменти, стануваат само „добри“ искуства. Тоа се моменти кои дополнително повеќе те прават посилен и подобар човек и возач.

А што ми дава поттик да издржам, искрено не знам. Знам само дека доаѓа длабоко од внатре во мене и никогаш во мојот ум немало размислување или момент кога сум се прашувал за било што околу овие трки, освен што сум имал афирмација за нивно реализирање. Едноставно уживам во возењето и често имам насмевка на лицето. Има премногу прекрасни моменти кои те инспирираат. Во оваа трка уникатен беше и односот на луѓето кои живеат покрај патеката. Тие, бидејќи секој возач има трекер и може во реално време да се види до каде е со возењето, кога ќе видеа дека поминувам покрај нивното место, често излегуваа и како публика даваа поддршка. Така што навистина се’ се одвиваше само со една позитива.

НОВА ТВ: Дали најубавиот роденденски подарок ти беше успешно извозената патека?

Имав чувство како цела Вирџинија да го слави мојот роденден. Кој и да беше на улица од тие луѓе ми честиташе роденден, имаше во еден момент и знак, закачен на сообраќаен знак, ми пееја роденденска песна на самиот крај, а не очекував дека било кој таму и ќе ме пречека… Не сум доживеал такво нешто. Не планирав да стигнам на целта на мојот роденден. Планирав да возам 20 дена и тоа ќе значеше да стигнам на целта ден пред тој ден. Но, поради опуштањето во планинските држави, Монтана, Вајоминг и Колорадо, каде со подзината уста застанував и уживав во сцените околу мене, практично „подзакаснив“ за целта според планот, стигнав подоцна и се погоди да е тоа на мојот роденден и на крај излезе и прилично весело. Таа една топлина и позитива од луѓето беше нешто што сега многу повеќе ми значи, отколку тоа што ете ќе сум бил еден ден побрз, па макар тоа значело и место погоре на табелата…

НОВА ТВ: Дали се посветува доволно внимание на индивидуалните спортови и спортисти?

За жал не знам дали сум добар човек за одговор на ова прашање. Практикував алпинизам 20 години и тој спорт од аспект на некаква поддршка беше прилично маргинализиран. Научивме да стиснеме заби, да не плачеме и да работиме висински работи – за да можеме да си дозволиме да патуваме, да купуваме опрема итн. Тоа од аспект на финансии. Од аспект па на разбирање и соодветно вреднување на постигнатите резултати – да не правиме муабет. За тоа ќе треба уште време… Никогаш не сум се оптоварувал со внимание. Сум знаел што сакам и сум се фокусирал во реализација на тоа. Така со децении. Без поддршка 🙂 И еве денес работам друг спорт, повторно со фокус на тоа „без поддршка“. Има поместување верувам. Има поддршка кон индивидуалните спортови од Агенцијата за млади и спорт, веројатно од минимален број на приватни компании исто така, но верувам дека тоа е минимално и дека треба повеќе. Во се’ поголем број на индивидуални спортови, има се’ поголем интерес на нови практикувачи, се постигнуваат одлични резултати и тоа што можеби недостасува е малку повеќе и медиумска присутност – што би инспирирало и поголема поддршка евентуално, поради ете прикажан поголем интерес на медиумите и јавноста. Поради тоа и сум благодарен кон Вас за покажаниот интерес и можност да го промовираме овој спорт пред Вашата публика!

Ивана Рамаданова