Абдула Ќазимоски денеска е избран за претседател на Советот на општина Струга. За него гласаа советниците на ВМРО-ДПМНЕ од Струга и еден советник на СДСМ.
„Личните и партиски интереси на ВМРО-ДПМНЕ се ставени над интересите на граѓаните
на Струга. ВМРО-ДПМНЕ отстапи од принципот на коалиционен договор со СДСМ и прифати претседавач на Советот на општина Струга да не биде од коалицијата „Заедно за
Струга““, изјави Даме Ложанковски, координатор на советничка група на СДСМ во Општина Струга.
Според него владејачката партија манипулира исклучиво за лични и партиски интереси. Нема друго оправдување за овој неразумен потег.
Коалицијата „Заедно за Струга“ беше договорена токму за претседавачкото место во Советот, коешто требаше да го добие коалицијата, во интерес на граѓаните Македонци од Струга.
„По ова непринципиелно постапување на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ ја раскинува коалицијата
со ВМРО-ДПМНЕ. Отсега самостојно ќе ги браниме интересите на граѓаните на Струга“, рече Ложанковски.




