Белгиските власти ги ослободија од притвор поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика Федерика Могерини, висок функционер на Европската Комисија, Стефано Санино и уште еден осомничен, откако тројцата беа сослушани во рамки на корупциска истрага. Засега не се поднесени обвиненија, а ослободувањето е образложено со тоа што не се смета дека постои ризик од бегство, пренесува Euronews.
Истрагата ја спроведува Европското Јавно обвинителство и се однесува на сомневања за измама поврзана со проект финансиран од ЕУ – академија за обука на млади дипломати. Осомничените беа приведени во вторникот, а обвинителството во соопштение наведе дека формално им биле врачени обвиненија за злоупотреби при јавни набавки, корупција, судир на интереси и повреда на професионална тајна, со напомена дека сите се сметаат за невини до правосилна одлука на судовите во Белгија.
Во рамки на истрагата, полицијата извршила претреси во седиштето на Колеџот Европа во Бриж и во просториите на Европската служба за надворешно дејствување во Брисел. Третиот осомничен, според обвинителството, е висок службеник на Колеџот, а медиуми од Италија јавуваат дека станува збор за италијански државјанин.
Според обвинителството, целта на истрагата е да се утврди дали биле прекршени правилата за јавни набавки, вклучително и дали доверливи информации за тековна тендерска постапка биле споделени со еден од кандидатите – Колеџот на Европа – пред проектот формално да биде доделен. Колеџот соопшти дека целосно ќе соработува со надлежните институции и дека презема мерки за непречено продолжување на своите активности.

