Рускиот претседател Владимир Путин со декрет ја расформира главната прес агенција во Русија, РИА Новости. На местото на РИА Новости тој формираше нова а на нејзино чело застана контроверзен новинар познат по своите непријателски коментари против опозицијата или хомосексуалците.
Новата агенција ќе го носи името Русија сегоднаја (Русија денес) и ќе биде свртена кон странство со цел да ја подобри сликата за Русија.
Целта на Русија денес е да «ги покрива јавната руска политика и социјалниот живот на Русија во странство», вели декретот на Кремлин. Одлуката е донесена за да се «зголеми ефикасноста на јавните медиуми» во земјата.
Новинарот кој ќе ја води новата агенција се вика Дмитри Киселев кој ги водеше вестите на државната руска телевизија. Според белгиската агенција Белга, во неговите вести често можеа да се видат репортажи против опозицијата, хомосексуалците или прилози против Америка.
Москва е често критикувана за репресија на опозицијата и контрола на медиумите и невладините организации. Кремлин би сакал оваа слика да биде сменета и информациите за Русија да бидат попозитивни.