Владејачката партија ВМРО ДПМНЕ повторно го обвини лидерот на СДСМ, Зоран Заев – дал тендери во вредност од 20.111.810 денари на фирмата на сопругот на Цветанка Иванова. Даниела Рангелова од ВМРО ДПМНЕ пред новинарите рече дека ова е врв на сомнителното работење на Заев како градоначалник на Општина Струмица.
„Зар и денес ќе се правда дека се било законски, а 48 пати потпишувала Општина Струмица и нејзините институции набавки со сопругот на познатата пратеничка од СДСМ и очигледно негова блиска соработничка“, изјави таа, прашувајќи дали Зоран Заев 48 пати не знаел дека се потпишуваат договори со фирма на сопругот на Цветанка Иванова.
Рангелова надополни дека Зоран Заев освен на фирмите од неговото семејство и неговите бизнис партнери, во повеќе наврати, јавни набавки со вкупна вредност од 20.111.810 денари доделил и на фирмата „ДИКОР“ во сопственост на сопругот на пратеничката од СДСМ Цветанка Иванова, Димчо Иванов.
– Од нив, на фирмата „ДИКОР“, преку склучување на 42 договори за јавни набавки со Општина Струмица и биле доделени 14.567.077 денари, додека пак, со склучување на 6 договори за јавни набавки со Јавното Претпријатие Комуналец, на фирмата ДИКОР и биле доделени уште 5.544.733 денари, обвини таа.
Рангелова додаде дека Заев е класичен пример за искористување на позицијата градоначалник на Општина Струмица, исклучиво само за лично и семејно богатење, богатење на своите пријатели, како и за богатење на своите блиски бизнис и партиски соработници, и рече дека јавноста од него ќе продолжи да бара одговори.




