Медиумите објавија скандал во кој беше посочен Андреј Жерновски и општината Центар за трошење на огромни суми на пари за рекламирање. За овој случај Жерновски не објави никакви документи, тој не кажа ниту збор за трошењето на овие пари. Напротив тој се обиде да ги сокрие од јавноста, потенцираше на денешната прес-конференција, Даниела Рангелова, советничка во општина Центар од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија изразија сомнеж дека „станува збор за создавање смислена мрежа за корупција која била плаќана со парите на граѓаните на општината Центар“.
– Скандалот е поголем, ако се знае дека овие пари од џебот на граѓаните на општината завршувале на сметките на фирми кои се поврзани директно со СДСМ и работењето на оваа политичка партија. Документите покажуваат дека со средства на општината била финансирана фирма ќерка и биле плаќани истите луѓе кои работат на кампањите на СДСМ, обвини Рангелова.
Воедно, изјави таа, биле селективно избрани медиуми на кој ќе се рекламира општината, без никакви објективни критериуми. Заедничко за сите нив е нивната блискост со СДСМ и фактот што се финансирани од СОРОС Македонија.
Таа нагласи дека нејзината партија побарала од Државната комисија за спречување на корупцијата да го испита случајот и да ја утврди одговорноста на Жерновски, и на како што вели, несовесното трошење на пари на граѓаните на Општина Центар и дали зад рекламниот октопод се крие голема пералница на пари на СДСМ.




