Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски на својот профил на Фејсбук сподели неколку документи, од кои се гледа дека вкупно 78 државни службеници, иако не доаѓале на работа, со години добивале плата.
Тие на 22 мај биле повикани од кабинетскиот службеник во Кабинетот на генералниот секретар, Билјана Митева, која ги прераспределила во останатите организациони единици на Генералниот секретаријат. Решенијата за нивно вработување ги потпишал претходниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски.
Дополнително, штета на буџетот направиле и 166 лица кои биле вработени, а не доаѓале на работа. За 2016 година, според пресметките, го оштетиле буџетот за 824 илјади евра, или приближно 50 милиони денари.
„Како се трошеле нашите пари. Веќе е покрената дисциплинска постапка и зависно од исходот ќе следува и соодветна судска постапка. Нанесена штета од преку 800.000 евра. Додека некој се потсмева на покачување на минималецот, на своите партиски војници им давале плата без да одат на работа“, напиша Рашковски на својот Фејсбук профил.