Алијансата не ги признава изборите што во неделата се одржаа на територијата на Крим, соопшти генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен.
Секретарот порача дека НАТО ќе продолжи да ја осудува Русија за „илегалната и нелегитимната анексија на Крим и континуираната и намерна дестабилизација на источна Украина“. Тоа, според него е во спротивност со меѓународното право.
„Ја повикуваме Русија да ја промени одлуката за илегалната и нелегитимна анексија на Крим, што ние не ја признаваме и никогаш нема да ја признаеме. НАТО е обединет во поддршката на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници“, рече Расмусен.
Официјално Брисел сè уште не го покрена прашањето за идниот статус на Крим. Ставот на Алијансата, кој кореспондира со ставот и на Европската унија, е да не се признава ниту еден руски пасош издаден за жител на Крим или трговска марка извезена од овој полуостров со руска ознака.